Македонија
Професорот Ѓуровски именуван за претседател на Комисијата за одликувања и признанија на Пендаровски
Во кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија денеска се одржа конститутивна седница на Комисијата за одликувања и признанија, работно тело на претседателот на Република Северна Македонија, на која присуствуваше претседателот Стево Пендаровски.
За претседател на Комисијата за одликувања и признанија е именуван професорот Марјан Ѓуровски, продекан за наука и развој на Факултетот за безбедност во Скопје и претседател на Македонското политолошко друштво, а за нејзини членови именувани се академик Луан Старова, фудбалската легенда Дарко Панчев, актерот Сабина Ајрула, Билјана Пеева-Ѓуриќ, извршен директор на Стопанската комора, оперскиот пејач Весна Ѓиновска-Илкова од Националната опера и балет, и генерал-потполковник Мирослав Стојановски, поранешен началник на Генералштабот на Армијата.
Претседателот Пендаровски на членовите на Комисијата им посака успешна работа. Посочи дека при носењето на одлуката за составот на Комисијата се водел од потребата во неа да членуваат поединци што во животниот пат оставиле своја трага. Членовите на Комисијата се заблагодарија за честа да бидат дел од работното тело на претседателот и изразија очекување за конструктивна работа на Комисијата, со цел давање предлози за доделување одликувања и признанија на поединци и организации што дале придонес за Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.

