Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

