Македонија
Пуштен во употреба модуларниот кoвид-центар во гостиварската болница
Во гостиварската болница денеска е пуштен во употреба модуларниот ковид-центар.
По тој повод, министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека ова е модел којшто се имплементира во сите градови во државата.
„Користиме болнички капацитет кој има 35 кревети, а целосно е опремен со медицинска опрема. Треба да пристигне и најсовремениот рентген апарат и ЕХО апаратот со сите потребни сонди за преглед, со што ќе го направи овој центар сосем соодветен за третман на сите КОВИД пациенти, а во некои други услови да продолжи да служи како тријажен или ургентен центар“, потенцираше Филипче.

Министерот Филипче во Гостивар
Како што рече, во изминатиот период, направени се значајни инвестиции во оваа јавно-здравствена установа која опслужува 200 илјади жители, кои гравитираат не само од општината Гостивар, туку и од Маврово-Ростуше, Дебар, Врапчиште итн.
„Болницата е позната по својата експертиза. Целосно се реновирани операционите сали, хируршкото одделение, а следува и реновирање на интерното одделение. Со директорот разговаравме и за некои следни планови. Оваа година после многу години за првпат болницата во Гостивар ќе добие магнетна резонанца. И тоа значи дека сите овие жители кои имаат потреба од таа услуга повеќе нема да патуваат во Скопје, туку тука ќе ги прават тие снимки. Во моментов состојбата со пандемијата во Гостивар е стабилна, меѓутоа граѓаните мора да продолжат со почитување на мерките за заштита“, истакна Филипче.

Модуларен кoвид-центар во гостиварската болница
Модуларен кoвид-центар во гостиварската болница
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

