Македонија
Раководител на Секторот за урбанизам во Маврово Ростуше со закани кон новинарка
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ја осудува заканата упатена кон новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска од страна на Садредин Елезоски, раководител на Секторот за урбанизам во општина Маврово Ростуше.
Како што посочуваат од ЗНМ, по повикот што денеска го остварил Садредин Елезоски со новинарката Маја Јовановска, која му објаснила дека се’ уште очекуваат одговори на прашања испратени уште на 4 април, тој упатил навреди и погрдни зборови кон новинарката, заканувајќи се со зборовите: „Пази се од денес. Ќе видиш ти што ќе ти се случи ако дојдеш тука“.
Екипа на ИРЛ вчера била во Маврово на средба со неколку лица вработени во општината Маврово и ЈП Национален Парк Маврово. Како што појаснуваат од таму, единствено раководителот на Одделението за урбанизам во општината, Садредин Елезоски, одбил да се сретне со новинарите иако, според информациите на Јовановска, повеќе пати бил контактиран.
И покрај денешните закани, новинарката Јовановска му најавила на Елезоски дека повторно ќе дојде во Маврово следната недела, бидејќи општинската администрација должи одговори за хаосот со дивоградбите кои се градат во Националниот парк Маврово.
Во контакт со ЗНМ, Јовановска посочила: ,,Претходно сум имала индиректни закани поврзани со истражувањата на кои сум работела и кои доаѓале од лица со моќ и на влијателни позиции. Но, ова е прв пат да ми упатат директна закана. Во првиот момент навистина се исплашив, бидејќи истражувањето на кое работиме сè повеќе и повеќе докажува политички и бизнис интереси во разнебитувањето на најголемиот Национален парк Маврво”.
Денешниот случај бил пријавен во МВР, а од ЗНМ велат дека ќе ја следат понатамошната истрага.
„Потсетуваме дека единствено преку строга санкција на нападите и заканите од страна на институциите во иднина ќе може да се спречат напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот“, порачуваат од Здружението на новинарите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

