Македонија
Ранливите потрошувачи ќе можат да плаќаат 1.000 денари помалку во месецот за струја, усвоена е програмата
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека е усвоена Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, со која се обезбедува директна финансиска поддршка и дополнителни мерки за најзагрозените категории граѓани.
Програмата, која ќе биде спроведувана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Регулаторната комисија за енергетика, предвидува комплексни мерки за олеснување на трошоците за енергија и подобрување на квалитетот на живот.
Програмата утврдува кои категории на граѓани спаѓаат во групата на ранливи потрошувачи и ги дефинира мерките за нивна заштита. Финансиската поддршка е насочена кон домаќинства кои користат гарантирана минимална помош, семејства со деца со попреченост, како и згрижувачи на лица во социјален ризик.
Секое од овие домаќинства, доколку ги исполнува критериумите, ќе може да добие субвенции за намалување на месечните трошоци за електрична енергија во износ од 1.000 денари месечно.
Ослободувањето од дел од сметката за струја ќе се применува во текот на 12 месеци, а за оваа поддршка граѓаните ќе може да аплицираат со поднесување барање до Министерството. Јавниот оглас за пријавување ќе биде објавен наскоро на официјалната веб-страница на Министерството www.energy.gov.mk, како и во два дневни весника.
Програмата е донесена на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а вкупниот буџет за нејзино спроведување изнесува 60 милиони денари. Со оваа Програма се предвидуваат следните мерки:
· Директна финансиска поддршка за ранливи потрошувачи на енергија, која ја спроведува Министерството за социјална политика.
Околу 40.000 домаќинства ќе добиваат паричен додаток за покривање на дел од трошоците за енергенси во периодот од октомври до март. Дополнително, корисниците имаат право на забрана за исклучување од мрежата во месеците декември, јануари и февруари, право на одложување/реструктуирање на неплатени долгови. Приоритет при поправки на мрежата и ослободување од трошоци за повторно приклучување.
· Намалување на сметките за струја за 1.000 ден./ месечно (12 месеци) за:
· Домаќинства со деца со попреченост, ако вкупниот месечен нето доход на домаќинството во 2024 година не го надминува следниот износ:
- 42.000 денари за домаќинство со два члена
- 60.000 денари за домаќинство со три члена
- 80.000 денари за домаќинство со четири или повеќе члена
· Згрижувачки семејства – За нив, горната граница на месечен нето доход е зголемена од 80.000 до 160.000 денари, во зависност од бројот на згрижените деца, при што посебниот додаток за згрижување не се пресметува во оваа сума.
Програмата предвидува и важни рокови и обврзувања, односно поддршката ќе престане доколку корисникот не плати две последователни сметки, сите корисници се должни да ги плаќаат преостанатите износи на сметките навреме.
Министерството останува посветено на креирање политики кои обезбедуваат заштита за најранливите категории граѓани и подобрување на нивниот пристап до енергетските ресурси. Обезбедувањето пристап до енергија по прифатливи услови останува приоритет
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

