Македонија
Расте коалицијата предводена од СДСМ, вели портпаролката Кузеска
Коалицијата предводена од СДСМ расте, следува нова победа за да продолжи развојот на општините, истакна денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа нагласи дека СДСМ утврдил 69 кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Кандидатите, како што вели, се докажани кадри, угледни и препознаени во своите средини, некои од нив ќе ја имаат честа да се борат за втор мандат, но една третина се нови лица, кои досега немале можност да учествуваат во локалната власта, но се докажале во своите сфери на дејствување.
„Ова е најдобрата понуда што СДСМ ја нуди за секоја од овие 69 општини каде што ќе настапиме со свој кандидат за градоначалник. Ќе имаме свои советнички листи во сите 80 општини и во Град Скопје, што нè прави единствена партија што ќе излезе со своја понуда во сите општини“, рече Кузеска.
Таа е уверена дека СДСМ е фаворит и извесен победник на локалните избори, а потврда за тоа, како што вели, се многуте релевантни анкети, но и интересот на политички партии што се приклучуваат кон најголемата и најразнолика коалиција предводена од СДСМ.
Вчера, на коалицијата предводена од СДСМ ѝ се приклучи Странката за демократска акција на Македонија (СДА), предводена од Џелал Хоџиќ.
Кузеска по тој повод изјави дека коалицијата предводена од СДСМ расте, што е доказ за успешните, одговорни и инклузивни политики што ги спроведуваат, со цел уште подобро партијата да им служи на граѓаните и државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

