Македонија
Ременски бара повлекување на текстовите за записникот за „Рекет“, во спротивно ќе се приклучи кон тужбата
Пратеничката Фросина Ременски денеска побара повлекување на медиумските написи за записникот за „Рекет“, а во спротивно најави дека ќе се приклучи кон тужбата што денеска ја најавија и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Ременски во статус на „Фејсбук“ наведе дека ничие право не смее да загрози право на друг, а тоа се границите на сите слободи и права на граѓаните.
„Медиумите како придобива на демократијата имаат и право и обврска да известуваат за сите прашања од јавен интерес и за случаи на криминал и корупција, почитувајќи ги начелата на новинарската етика кои вклучуваат објективно известување, проверка на веродостојноста на информациите и забрана за злоупотреба на средствата за јавно информирање за лажно обвинување за корупција.
На интернет порталот Инфомакс на 23.08 беше објавен документ (записник) од исказ на лице за кривично-правен настан кој е предмет на актуелнсa истрага во ОЈО за организиран криминал и корупција. Селективното презентирање на содржината од објавениот записник со манипулирање и насочување кон заклучоци и новинарски интерпретации за некаква моја вмешаност и вмешаност на мојот сопруг во случајот Рекет, ги ценам како груби клевети и невистини. Овој текст продуцираше написи и наслови во други портали со иста содржина.
Обвинителството ги има на располагање сите права и обврски да ја утврди точноста на сите дејствија за сите спомнати во записникот. Медиумскиот суд не може да биде замена за институционално постапување.
Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита.
Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други.
Еден од важните начела на правната држава е трагањето по вистината и одбрана на вистината, преку демократски правни средства по институционален пат“, вели Ременски во статусот на социјалната мрежа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

