Македонија
Ременски не кажа дали во Обвинителството е повикана како осомничена или како сведок

Во Обвинителството за организиран криминал и корупција пристигна пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски, која треба да даде исказ во врска со случајот „Рекет“.
Таа рече дека е дојдена во Обвинителството како повикано лице и не сакаше да каже дали е осомничена или е сведок. Ременски најави дека по завршувањето на распитот, ќе даде изјава за медиумите.
Претходно, искази во Обвинителството дадоа водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.
Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз на Јовановски, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра, кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.
Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао, друштво“.
Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.
Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.