Македонија
(Видео) Ременски: Очекуваме опозицијата да го поддржи предлог-законот за транспарентен радиодифузен сервис
Добро е што опозицијата конечно го соопшти својот став за предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изјави денеска пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, која додаде дека сите предлози, вклучително и амандманите на опозицијата, ќе бидат разгледани.
„Предложените законски измени во текот на оваа недела ќе бидат на второ читање на надлежната Комисија за транспорт и врски, каде што ќе се разгледуваат сите предложени амандмани. Добро е што опозицијата даде мислење и конкретни предлози за овие законски измени, но добро ќе беше тоа да го стореа порано за да може сите тие предлози што беа поднесени од страна на опозицијата исто така да бидат дел од јавните дебати и трибини на коишто се дебатираше за законско решение“, рече Ременски.
Нагласи дека овој предлог-закон е еден од најдебатираните законски решенија, а во дебатата биле вклучени сите чинители и субјекти на медиумската заедница.
„Очекуваме опозицијата да го подржи предлог-законот што ќе обезбеди транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги“, истакна потпретседателката на СДСМ.
Ременски напомена дека со начинот на избор на членовите на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис се обезбедуваат сите предуслови за професионални персонални решенија, без постоење судир на интереси и политички влијанија.
„Членовите на овие тела ќе се бираат со двотретинско мнозинство, што е дополнителна гаранција дека целиме кон професионалност и целосна департизација на овие важни тела. Од тие причини очекуваме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги подржат овие законски решенија“, кажа таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

