Македонија
Реновирана полициската станица во Кочани

Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска беше во посета на Кочани, каде што завршија реконструкцијата и санацијата на објектот на полициската станица.
Од МВР соопштија дека станицата е реновирана по четири децении.
„Денеска имавме работна средба со раководството на ПС Кочани и со локалната самоуправа, а имам чест да ве информирам и дека завршивме со реновирањето на полициската станица. Можам да ве информирам дека безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кочани и СВР Штип е стабилна, а полицијата бележи добри резултати во своето работење. Значителен пораст на откривачката дејност од 44 отсто е регистриран во областа на недозволената трговија со дрога на подрачјето на СВР Штип“, рече министерот.
Тој нагласи дека МВР продолжува со активностите за подобрување на условите за работа на полициските службеници, а за раководството од исклучително значење се стандардите.
„Полициската станица во Кочани веќе има сосема видоизменет, обновен и функционален објект за користење за чија што реконструкција и санација беа издвоени околу 7,5 милиони денари, средства одвоени од буџетот на Министерството за внатрешни работи“, рече Спасовски.
Најави дека во текот на годинава ќе продолжат со интензивно подобрување на состојбата во која се наоѓаат и работат полициските служби.
Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, како и со членовите на општинскиот Совет и претставници на локалниот Совет за превенција, каде што се разговараше за сите прашања што се од заемен интерес со цел да се зголеми соработката меѓу граѓаните и полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Импресивни откритија на неолитската населба Влахо во Пелагонија

Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола ги завршија теренските истражувања на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, еден од најстарите неолитски локалитети во регионот и во Европа.
Истражувањето во западниот дел на населбата покажало дека ранонеолитските културни слоеви достигнуваат висина од 2,7 метри, што укажува на долготрајно и динамично живеење во периодот меѓу 6400 и 6000 година пред нашата ера. Во околу 70 стратиграфски слоеви биле откриени остатоци од 16 градби, земуници, огништа, печки, како и бројни предмети – садови, алатки, мелници и животински коски.
Посебно значење имаат добро сочуваните дрвени остатоци во најстарите слоеви, кои може да претставуваат едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа.
Во следната фаза ќе се спроведат радиокарбонски, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи. Проектот е резултат на меѓународна соработка меѓу институции од Македонија, Германија, Србија и Швајцарија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт.
Македонија
Пановски: Од Советот очекувам да не губи време за тоа кој бил предавник, а кој патриот, туку итно да го изгласа БРТ-проектот

Во пресрет на локалните избори, додека партиите ги прават последните подготовки за изборниот ден, кандидатите се растрчани на терен, а Скопје тоне во отпад, микробиологот Никола Пановски, кој бара втор советнички мандат во Град Скопје, ги издвои приоритетите на новиот совет. Тој е кандидат за советник од редовите на ЛДП и коалицијата „Искуство за успех“.
Кои проблеми во Скопје ги сметате најитни за решавање?
„Во вистинските демократии, кон кои ние се стремиме, локалните совети се одраз на нивото на политичка култура и ефикасност. Така треба да биде и кај нас во Скопје, градскиот совет треба да биде во функција на граѓаните, а не на партиите. Според мене, како најитен проблем би го навел јавниот превоз и тоа дека треба да се донесе конечна одлука за проектот ‘Брз автобуски превоз’ (БРТ) и да знаеме како ќе постапуваме по тоа прашање понатаму. Второ, отпадот и хигиената. Не мора да одите подалеку од вашиот дом и првите контејнери за да се уверите и самите дека со тоа има сериозен проблем и, трето, но не и помалку важно е аерозагадувањето. Како што заладува времето, така проблемите со загадувањето на воздухот стануваат сè поочигледни и сметам дека таму исто така треба брза и одлучна акција“.
Советот е колективно тело. Како гледате на соработката со колегите од другите партии и со идниот градоначалник на Скопје?
„Соработката треба да биде врз основа на корисни идеи и проекти, а не блокирање само затоа што предлогот не му се допаѓал некому или не доаѓа од нивната партија. Да не губиме време во досадни и беспредметни дискусии за тоа кој што и како направил во минатото, кој бил криминалец, кој бил предавник, а кој патриот. Во изминатите 4 години честопати дискусиите немаа врска со локалните проблеми. Новиот градоначалник на Скопје треба да биде во контакт и соработка со сите советници, да биде пример за редовност, ажурност и транспарентност, да биде толерантен на конструктивни критики и најважно – да има слух за проблемите на сите граѓани“.
Што сметате дека е она што ве издвојува од другите кандидати за советници?
„Како прво, јас сум меѓу највозрасните, најискусните, сум докажал дека сум човек со интегритет и граѓаните ми се пред партијата. Поддржувам, а и критикувам идеи, проекти и одлуки, кои се добри, без разлика од која партија доаѓаат. Изминатиот мандат почнавме многу работи, кои поради една или друга причина, не успеавме да ги завршиме. Имаме нова шанса пред нас да направиме вистински промени на овие избори. Затоа апелирам до сите граѓани кои му мислат добро на Скопје, да гласаат в недела и да ни ја дадат поддршката за наредните 4 години заедно да направиме една успешна градска приказна“.
Македонија
Лекарската комора со морална осуда за д-р Кузмановски

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора упати јавна морална осуда за однесувањето на д-р Игор Кузмановски прикажано на видеоснимка на социјалните мрежи, оценувајќи дека е спротивно на морално-етичките стандарди на професијата. Информираат дека тоа е со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат.
Од Комората соопштиј и дека по разгледување на документацијата нема евидентирани претставки за етички пропусти поврзани со Кузмановски, но ќе се чекаат извештаите од Министерството за здравство и Клиниката за неврологија за конечнен заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.
Лекарот и понатаму останува без активна лиценца.