Македонија
„Реплек“ ја отвори својата подружница – КА информативниот центар – прв центар за информирање за производите на база на медицински канабис
„Реплек“ ја отвори својата подружница – КА информативен центар, наменет за информирање за производите на компанијата на база на медицински канабис. Центарот е прв од ваков вид во државата и претставува уште еден пионерски чекор во сегментот на производи на база на канабис, кои компанијата прва ги воведе на домашниот пазар, уште во 2016 година.
КА информативниот центар е дел од определбата на „Реплек“ континуирано да воведува иновации во сите сегменти на своето работење, вклучително и во комуникацијата со потрошувачите и сите заинтересирани страни, на кои ќе им овозможи прецизно да се информираат за сите аспекти поврзани со производите Каноил и Канабо на база на медицински канабис. Центарот е лоциран на улица „Свети Кирил и Методиј“, спроти трговскиот центар „Рамстор“ и ќе работи од понеделник до петок, од 9 до 17 часот.
На свеченото отворање на КА информативниот центар присуствуваа доктори, претставници на здравствени институции, како и партнери на компанијата. Заменик генералниот директор и директор на маркетинг и продажба на „Реплек“, Коста Котески, истакна дека отворањето на КА информативниот центар означува нова етапа во развојот на „Реплек“ и во односот со потрошувачите, како и со стручната јавност.
„Кога во 2016 година инвестиравме во нов фармацевтски сегмент – развој на производи на база на медицински канабис, бевме пионер во регионот, меѓу првите кои го препознаа потенцијалот на оваа област, иако пазарот реагираше скептично. Нѐ водеше потребата на потрошувачите за квалитетна, контролирана и јасно дефинирана палета на производи. Денес, девет години подоцна, ова портфолио е еден од нашите најдинамични и најиновативни сегменти. Со ребрендирањето на нашите производи – Каноил маслата и Канабо производите – под слоганот ‚Биди во свој елемент. РЕ-поврзи се одвнатре и однадвор’, ние ја нагласуваме нашата визија за едукација и иновација, како и нашата мисија да го поддржиме секој потрошувач и секој кој сака да се информира со точни и проверени податоци. Тоа е наша одговорност и наш приоритет. Продолжуваме да се развиваме, да инвестираме и да поставуваме високи стандарди“, потенцира Котески.
Директорот на оператива на „Реплек“, Марјан Велковски, се осврна на историјатот и стандардите на производството на портфолиото на база на медицински канабис. Тој истакна дека „Реплек“ е предводник во овој сегмент – и според стандардите, и според капацитетот да обезбеди квалитетни, безбедни и прецизно формулирани производи за пазарот, поткрепени со силна експертиза на тимот.
Менаџерката за маркетинг на „Реплек“, Ивана Емел Анастасовски, ги претстави ребрендираните линии на производи – Каноил маслата и Канабо производите – и го истакна нивното значење во надминување на стереотипите за употребата на ваков тип производи и значењето на Центарот како проект на „Реплек“ кој треба да им даде поддршка на потрошувачите, овозможувајќи нивна подобра и правилна информираност за производите на база на медицински канабис (ЦБД).
Со отворањето на овој центар „Реплек“ уште еднаш ја потврди својата определба и континуитет за иновации и развој, како и за одговорна комуникација за сегментот производи на база на медицински канабис.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

