Македонија
Ристова-Астеруд: Законот за јазиците е силеџиски, неуставен и мора да се бојкотира
„Нема простување, многу добро знаат што прават! И нема бегање веќе! Рамковниот и Уставот се целосно поништени со законот за употреба на јазиците од 2018 (ЗУЈ). Ако и Уставниот суд не се покаже на висина на задачата, тогаш целосно доаѓаме во ситуација на незаконско право, за кое лекот е само активирање на надзаконското право. ЗУЈ 2018 мора да биде бојкотиран и со организирање огромен отпор. Опозицијата не смее со ништо друго да калкулира, освен со одбрана на Уставот и автентичните уставни права на граѓанството што го претставува, па и по етничка основа, па и по основа на етничките колективни права, па и по основа на партија потписник на Рамковниот. Дури, ако сакате така, може и да се каже дека се сменети улогите, сега Македонците ќе треба да се борат за своите права по Рамковниот!“, реагира професорката на Правниот факултет во Скопје, Каролина Ристова-Астеруд на својот фејсбук-профил.
Според неа, оние што се самозалажуваат со релативизациите од типот на потсетувања на минатото силеџиство, упади во парламентаризмот и уставниот поредок на ДПМНЕ-ДУИ, нека престанат, нека прогледаат и нека станат консеквентни, ова со ЗУЈ 2018 е исто, овој пат во организација на СДСМ-ДУИ. „Она што е исто целосно заокружено и комплетно јасно е и следното: во пострамковна Македонија, на обезбедените заштитни механизми од тиранијата на (етничкото) мнозинство, секако во прилог на колективните права на помалите/малцинските етнички заедници, најмногу и ефективно на албанската, обратнопропорционално и целосно се руинирани, речиси непостојни, сите механизми од заштита од тиранија на (етничкото) малцинство, а ефективно во прилог на колективните права на мнозинската етничка заедница, Македонците“, напиша Астеруд.
Таа уште смета „двете главни политички партии, кои се јадрото на политичкото преставништво на етничките Македонци, буквално и под уцена, со меѓусебно дриблање, ги „распродаваат“ колективните, а богами и индивидуалните, права и слободи на етничките Македонци, сите оние што им следуваат и по Рамковниот и по Уставот, и по дух и по слово, се на олтарот на коалиционите влади со етничките албански партии, во случајот ДУИ, која се деформира во наша фирер-партија, и која сè подрско и сè погрубо силува, и силува и силува“.
„И, секако, поради набедената и упорно негувана културна парадигма, море и парадигма на колективната македонска психологија од 2001 наваму, дека за сè што ќе се побунат Македонците е национализам или националшовинизам, а сè што ќе посакаат Албанците, скраја да е од истите побуди и феномени, туку тоа небаре по аксиом, е борба за права, борба за рамноправност и тоа ем по колективна логика, ама и ем без пропорционалност, замисли тоа, туку баш како поништувачка, секако на штета на Македонците како мнозинска заедница, пред сè, но и на сите други помали етнички заедници. Во истата таа пострамковна Македонија, по (не)реакциите меѓу Албанците за сите небулози во законот, дури и оние што врска немаат со јазичната проблематика, туку со некои други, уште побитни правни концепти, права и слободи, конечно стана јасно дека ДУИ, всушност, и е соодветното и автентичното политичко претставништво на албанскиот национализам и националшовинизам како доминантен во заедницата, која не признава ниедно друго мнозинство, освен албанското, ама баш никаде каде што има и Албанци“, пишува Астеруд и додава:
„И бидејќи во Македонија етничките Македонци се значителното мнозинство, тие се решени да одат на тотално негирање на тој факт (настрана историјата како, зошто и заради кого е настаната македонската држава) и со инсистирање воведување тиранија на малцинството – политичка и правна, збиберено и со бааги безобѕирно финансиско прелевање и угнетување, што ќе рече, изживување врз другите со нивни пари. Сите феномени досега беа во прилог на тоа: сето тоа почетно непочитување на раселените лица кои се неалбанци да се вратат во своите домови (и тука, а и во Косово, ќутенката за Ромите, на пример); сето тоа недистанцирање и неосудување на воените злосторници и злосторниците против човештвото од редовите на ОНА и од својата етничка заедница, напротив, нивно амнестирање (па и „правно“!), а дури и ставање нивни на ударни и високи државни функции, небаре се за гордеење, а не за криење (а тоа споредбено и вообичаено е мерило за степен на цивилизираност, да тераш правда за гнасите во своите редови); сето тоа непочитување на правата на другите и на законите по општините каде што се во мнозинство, но и во централните ресори што се раководат; сето тоа глумење лудило дека правичната и соодветната застапеност важи за сите етнички колективитети, не само за нив, па не може да се „бута“ повеќе од својот „процент“ на штета на другите таму каде „ми се може“; сето тоа непочитување на државното знаме (дури и откога се донесе законот за етничките знамиња, како ѓомити претходна причина зошто не), не само како прашање на закон туку и како идентификација со земјата, со државата, истата онаа што го финансира Рамковниот, истата онаа што дава функции, позиции, слободи и права, баш и по етничката им основа ( а истото и за грбот, нема врска што е етнички неутрален, исто и со химната, оти ги заболе да се препознаат и себеси во „Македонците се борат за своите правдини“, или барем во мелодијата нејзина, оти, нели, мора Албанците да ги прават химните во сите држави кои замислиле дека треба да ги поседуваат во регионот, па макар и последна дупка во Европа биле); сето тоа фурање албанска еднојазичност во средините и општините каде што се мнозинство во икс-инстанци и ситуации, а спротивно од законот и спротивно на фактот дека македонскиот е мнозинскиот јазик во земјата не само за Македонците туку и јазикот на разбирачка, соработка и интеграција со сите други помали заедници; сето тоа одбивање да се земе одговорност и да се примени самокритика за кој било феномен и „валкани алишта“ на припадниците на својата етничка заедница, од криминал и корупција преку сериозна даночна евазија и други свои давачки во прилог на заедничкото, на пропорционална основа (но, не смета да се зема, секако) , дискриминација и повреда на правата на другите, сосе по етничка основа, што уште не (исклучок, само нешто строго само на албанска и меѓуалбанска основа ако е, на нивна штета од нивните, за другите кога е, ако е, треба и повеќе да им штети, зема, краде итн. за тоа не се губат гласови, напротив)“, наведува професорката.
Ристова-Астеруд смета дека сега со ЗУЈ 2018 сето тоа кумулира и целосно се разголи. „Се разголи, ама ептен! Секогаш ќе најдеш критична маса Македонци што реагираат на која било реална или перципирана повреда на колективните етнички права на Албанците, умерено и соодветно, па неретко и со надувана надкомпензација – ама баш секогаш! Она што сега го гледаме, ама баш целосно „рацветано“ и „соголено“ е дека на прсти на едната рака се бројат Албанците кои истото го прават во спротивната ситуација. Мнозинството од нив, ама баш ги заболе за рамковните и уставните права на Македонците, тие речиси сите си ја тераат „каузата“ (секако, само тие имаат право на тоа , ами како), да не се лажеме ама ич! И по тоа се гледаат многу, многу лоши намери! Со посебна сласт се исцртува ситење на сите оние замислени ситуации, по умот на овој закон, тотално спротивно од Рамковниот и Уставот, кога Македонците би требало да комуницираат со претставници на државата од албанска припадност на македонски јазик, но преку преведувач, и сето тоа на нивна сметка, не на сметка на таквиот државен претставник, тој не ни може тоа да го плати како дел од албанскиот колективитет, ниту го плаќа со својот удел во јавните давачки, настрана ако почне да се засметува и преваленцијата во даночната евазија, ноторното неиздавање фискални во своите „екстериторијални“ пашалаци и сл“, додава таа.
Според професорката на Правниот факултет, нема бегање, од македонската сиромаштија ќе има бааги префрлање пари на контото на ваквите јазични егзибиции на Албанците, кои апсолутно немаат импут самите да си ги финансираат. За другите квалитативни штети, особено во делот на правниот јазик, ефектот што тоа ќе го има врз другите права и слободи.
„Меѓуетничка недоверба, нетрпеливост, презир и омраза? Ооооо, допрва ќе гледате раст на тоа, какви досега не сме виделе! Па, веќе има огромен револт, чувство на онеправданост и неуставно силување, сосе од многумина што воопшто немале, ниту актуелно имаат нешто против Рамковниот и уставните решенија како што се, а тука се вбројувам и себеси. Најискрено, јас веќе не си умислувам дека ѝ мислат добро на земјата, уште помалку на етничкиот колективитет на кој јас му припаѓам. И нема да го заборавам ниту молчењето и одобрувањето на Албанците за сето ова што и како се прави, а ги бришам и сите други што одобруваат, најчесто по основ на партиски интереси или заради политичка омраза кон опозицијата. На сите тие што го потценуваат квалитативното влијание на овој закон во крајно негативен правец, пак ќе им повторам: треба да си или да глумиш тежок глупак за да не видиш дека тиранијата на малцинството е уште поразорна од тиранијата на мнозинството по својот обем, баш оти е врз мнозинството, дотолку повеќе кога е комбинирана со сериозни дози национализам и националшовинизам, за кои некои, гледам, упорно спинуваат слепило. Сето тоа збиберено со серија колективни комплекси или фрустрации, оправдани или не, па те вгнездени инфериорности те извештачени супериорности без покритие. И она што сите го забораваат и потценуваат, сето ова во растечки нов контекст на гледање на Македонците и на сите други во регионот низ една увезена и растечка, нагласено антиевропска и антизападна, религозно-идеолошка призма, која, нели, „не смее да се именува“, онаа де што испрати не баш занемарлив број Албанци од земјата и од регионот во ИСИС, онаа за ширење и супрематија на исламистичката теократија, за што сите засега уредно се прават на Тошо“, напиша таа во својот статус.
Но, додава Астеруд, сè ќе ви се каже и покаже самото, независно колку и да се глумата себепроекција „како јас би го применувал законот да сум на нивно место“. „Па малку ли е да ве разубеди како и со каква содржина се носи? Ма малце ли ви е горенаведената емпирија од речиси две децении за која веќе никој не може да глуми неинформираност оти ептен ја симна маската? (онаа првата, таа другата допрва ќе ја биде). …Колку и да преморува, троши, ќе најдам време и енергија, побавно можеби одошто сакам, ама без откажување! И ќе се борам против овој грозен, силеџиски, неуставен, противрамковен, неправеден и опасно дестабилизирачки упад, ништо поинаков од оние што ги видовме изминатата деценија. Како на тие, така и на овој мора да му се даде сериозен отпор, овој закон-незакон не смее да го биде! Доста беше набедување, узурпирање и уценување на Македонците, доста беше узурпирање и погазување на Рамковниот и на Уставот, мора на сето тоа да се стави крај! Ова вака што се тера нема врска ниту со права ниту е во прилог на конструктивен и искрен меѓуетнички соживот, напротив! Вака не ја бидува работата и нема да ја биде!“, се вели во статусот на Ристова-Астеруд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.

