Македонија
Родилка и нејзиното бебе починаа на Клиниката за гинекологија, внатрешна контрола го испитува случајот
Родилката која заедно со нејзиното бебе вчера попладне починаа на Клиниката за гинекологија не знаела во која недела е од бременоста, а ова и била 11 бременост, велат од ГАК преку соопштение.
Четириесет годишната трудница К.Ј. од населбата Шуто Оризари, Скопје била примена во приемната амбуланта на ЈЗУ У ГАК-Скопје на 18 септември, со образложение дека е дојдена да ја види состојбата на нејзиното бебе.
Од ГАК велат дека таа не знаела кога и била последната менструација и го информирала медицинскиот тим дека тоа и е втора контрола откако е бремена, што значи дека нејзината бременост не била контролирана и не знаела која недела е од бременоста.
Ова на К.Ј. и била 11 бременост, има четири живородени деца и шест прекинати бремености, велат од Клиниката за гинекологија.
Трудницата, како што образложуваат, веднаш била ставена на ЦТГ мислејќи дека станува збор за терминска бременост, а по направениот ултразвучен наод е утврдено дека трудницата е во 36-та гестациска недела од бременоста. Според наодот на ЦТГ-то кој бил двојбен, лекарите дале мислење дека тоа треба да се повтори за два часа поради што на пациентката и било сугерирано да не се оддалечува на подолго време од Клиниката имајќи предвид дека живее во населбата Шуто Оризари, во меѓувреме нешто да јаде, по што трудницата излегла надвор од Клиниката за да испие кафе. На ЈЗУ У ГАК-Скопје таа се вратила во 16:15 часот и на лекарите им рекла дека во периодот од два часа била во својот дом, каде што прокрвавела.
Дежурната екипа на Клиниката потврдила дека дошло до интраутерина смрт на плодот поради настанатата абрупција (одлепување на постелката). Веднаш и бил земен тест за Ковид-19 и додека се чекал резултатот од тестот кој бил негативен и била земена крв за лабораториски иследување и за утврдување на крвната група на пациентката, која до тој момент, поради неконтролираната бременост, не била позната.
Трудницата побарала стерилизација и откако нејзиното семејство од страна на лекарите било информирано дека бебето е изгубено, дека таа обилно крвави поради што мора итно да биде оперирана, дежурната екипа итно влегла со пациентката во сала. И била терминирана бременоста со царски рез и направена стерилизација. На отворањето интраоперативно имала целосна абрупција на постелката.
По извршената интервенција, таа била префрлена во шок соба каде што и покрај интензивната реанимација по протокол, продолжило влошувањето на нејзината состојба, по што целиот тим гинеколози и анестезиолози одлучиле дека треба да се направи ревизија. Истата е направена меѓутоа и покрај целосниот напор на медицинскиот тим да биде спасен животот на пациентката, таа егзитирала вчера, на 19 септември 2020 во 17:43 часот.
Внатрешна Комисија за контрола на квалитет на ГАК го испитува случајот, а од утре ќе го разгледува и Комисија формирана од Министерството за здравство, се додава во соопштението на ГАК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

