Македонија
Родилки сведочат за трауматски искуства: „молиш за помош и ти викаат ‘стани, не се лигави’, ‘што си мислеше кога се онаквeше’“
Случајот со родилката, која вчера скокна од прозорец на скопска Гинекологија, ја разгори темата за поспородилната депресија и откри потресни сведоштва.
Според некои истражувања, една од секои седум жени се соочува со постпородилна депресија, што може да резултира со незаинтересираност за себе и бебето, беспомошност, песимизам, нарушен апетит и сон, чувство на вина и безнадежност.
Обидот за самоубиство и изјавата на директорката на Гинекологија, Викторија Јовановска, дека психолошката поддршка на родилките по породувањето е сè уште табу, иако таа лично смета дека на сите им е потребен психолог, предизвикаа голем број реакции на социјалните мрежи, а жени јавно говореа за своите искуства.
Некои од нив раскажаа дека поминувале низ вистински пекол по породувањето и укажуваат дека им била потребна помош, а се споменува и игнорирање од страна на вработените во државните јавни установи, како и недолични коментари.
„Самото искуство на породување во Државна е ненормално. Која е логиката здрави родилки да сместиш на оддел за патолошка бременост? Моето искуство беше крајно трауматско, проследено со многу пропусти, ризици за мојот живот и за животот на бебето, тотално непочитување на жена што дошла својот живот и животот на своето дете да го довери во раце на некои што коментираат тетоважи и интимни фризури, кои немаат слух за потребите на жената и дури ги занемаруваат и советите на гинеколозите што ја воделе бременоста, ги третираат Ромките како помалку битни и сл. Самите патронажни сестри никогаш не прашуваат како се жените, ако се пожалиш дека е тешко, ти кажуваат: ‘Што ти се чинеше кога се онаквеше’, и да не набројувам други гадости(…)“, раскажува родилка.

Друга родилка, која се надоврзува на коментарот, вели дека по породувањето, се чувствуваш како да си стока во штала.
„Така јас се чувствував утрото по породувањето. Со ужасни болки во стомакот ја молиш болничарката да ти помогне да станеш, а таа со гадење те гледа и ти вика: вежбај се, стани сама. А срамот што си целосно гола, крвавиш, сè те боли, бебето го нема сè уште. Уф… И здрава психички жена првиот ден од породувањето се чувствува најмизерно“, раскажува родилка.

За проблем со вртоглавици пишува уште една родилка, која се жали дека повеќепати побарала да го ѝ измерат притисокот, но наишла на недолични коментари.
„Дури имаше коментари – дома свекрвата ли ќе ти го гледа, станувај ајде, не туку се лигави. Од ГАК излегов со 60 хемоглобин, повреда на дебелото црево при шиење, инфекција, која ја лечев со месеци“, вели таа.

Во еден од најкоментираните статуси на социјалните мрежи родилка детаљно го опишува процесот низ кој минува жената по породувањето. Плачеш со некаква леснотија дека се завршило, а не паѓаш во несвест од среќа дека си мајка и дека баш ова е најубавиот момент што си го доживеала, вели таа констатирајќи дека постпородилниот период воопшто не е лесен.
„39-годишна жена, по породувањето, скокнала од првиот кат на Клиниката за гинекологија, се бори за животот. Oва е првата вест што ја прочитав денска кога го вклучив лаптопот
Ќе почнам вака… начукајте си го тоа ‘кога ќе се породиш, ќе заборавиш сè’, знаете каде. Инстаграм-мами јадат чија-семе и киноа додека споделуваат видеа како вежбаат трипати на ден во седмиот месец од бременоста, ти отвораш фрижидер уште еднаш и си поткаснуваш, веројатно седми пат тој ден, од една страна, сите ти велат да си јадеш бидејќи си трудна, од друга, те јаде совеста кога ја гледаш совршенава трудница колку е фит, а ти веќе имаш ставено повеќе од 15 килограми. Остануваат уште два месеца, тоа значи, веројатно, уште пет до десет килограми плус. Подготовки за име, соба, алишта, колички, шеми за тоа колку пати ќе доиш, ќе се молзеш, за колку месеци ќе почнеш на работа. Тече времето, расте стресот за денот Д. Редовни контракции, се скусува времето, ЦТГ денеска, утре пак, дојди во понеделник, конечно почнуваат на неколку минути. Одиш во болница. Ох, нема ништо женствено, убаво и магично во константни болки, клизма, провокации и помини – брцни проверка на цервикс. Ќе мора да ти правиме царски, ми рекоа. По повеќе од 12 часа, само слегнав со рамената и реков во ред, само нека заврши. Тркалата на креветот тропаат во ходниците, а светот ми се смалува. Свират мониторите, се полни салата. Не ѝ ставајте тоа, тахикардична е – го слушам анестезиологот. Дваесет минути траат вечност, докторките, конечно, завршуваат со операцијата и се слуша плач. Ништо, празно! Плачеш со некаква леснотија дека се завршило, не паѓаш во несвест од среќа дека си мајка и дека баш ова е најубавиот момент што си го доживеала. Доаѓаш дома, се мачиш со доење, те боли раната, крвавења, сите наеднаш имаат што да те посоветуваат, да ти кажат. Ноќите и деновите ти се исти, времето станува убаво, а ти седиш на тераса и се прашуваш зошто ти требаше ова, која си, како ќе издржиш. Поминува време, станува полесно, спиеш повеќе од два часа во денот, имаш време да се избањаш, да испиеш кафе со другарките, да излезеш, килограмите полека се намалуваат… Конечно, собираш и сила да го напишеш и ова, ти требало катарза. За жал, оваа 39-годишна родилка можеби никогаш нема да стаса да го каже своето патување на глас. Постпородилната депресија не е ретка појава, а тоа ‘ќе помине, нормално е’, ви кажав“, вели таа.

Слично, уште една родилка вели дека стресот го создава тоа што во медиумите се сервира дека со раѓањето доаѓаат неизмерна радост и среќа, мајката е насмеана и во прегратка со бебето, а во реалноста ни случајно не е така, а нема кој да ти каже дека не е така и дека тоа е нормална појава.

„Психолог нема никаде на повидок за младите мајки, само приучени патронажни сестри, кои повеќе комплицираат отколку што помагаат. Во државните болници, небитно која, докторот што ќе те породи последно го гледаш на излегување од сала/бокс, освен ако немаш врски, сестра само за да ти се развика и да те избоде 39.372 пати ќе дојде, педијатар нема потреба, на бебето прави му што знаеш. Притисок, притисок, притисок. Си мислиш нешто не е во ред со тебе затоа што никој не ти кажал дека инстинктот не е како на филм, се осеќаш сама и изгубена во просторот и времето. По последното мое породување на ГАК, каде што јас завршив со повреда, а ќерка ми со посебни потреби (што би рекол народ од готово-вересија), би кажала дека постпородилната депресија остана како мисловна именка, за жал“, сведочи жена.

Друга вели, пак, дека во Државната болница психологот по првото породување им кажал на родилките дека требало да раѓаат во март.
„Нè викнаа сите на советување кај психологот за таму тој да ни каже дека сме го промашиле терминот за раѓање. Толку од советите“, раскажа таа.

На темата реагира и „Ина многуфина“ коментирајќи дека изјава како: „не знаеме како жените ќе прифатат психијатар, тоа е табу“, не помага.
„Од коментарите оставени под вестите за вчерашната трагедија сфаќам дека итно ни треба едукација за ментално здравје. И изјавите од типот ‘не знаеме како жените ќе прифатат психијатар, тоа е табу’, не помагаат. Било табу некад и машки гинеколог, па сега е сосема прифатено. Едноставно, ќе се направи да мора и тоа е тоа. Мислам, секако ако му е гајле на здравството за менталното здравје, ако не – нишо. Ќе се правиме дека е нормално жена за три дена двапати да пријави вознемиреност, а тие да ѝ речат: ок, психијатар пред испис и притоа да ја остаат без надзор. И сеа ќе глумиме дека сè е во ред? Не е. Одговорност мора да има“, вели таа.
39-годишната пациентка, која неколку дена по породувањето се фрли од прозорец, во петокот се пожалила на вознемиреност и извршен бил разговор со клинички психолог, рекоа од Клиниката. Во понатамошниот постпородилен период пациентката бил следена во согласност со дадените препораки. Следниот ден пациентката била без особени тегоби и е со уреден гинеколошко-акушерски статус.
Завчера, повторно, на утринска визита, пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа и донеле одлука да се повика психијатар пред испис од болницата. Пациентката не го дочека исписот и ноќта во неделата, околу 21.30 часот, се упатила кон ходникот на одделот за пуерпериум и преку прозорецот во ходникот направила обид за суицид фрлајќи се од првиот кат.
„Макфакс“ побара коментар од Министерството за здравство укажувајќи на коментарите од родилките во кои се споменуваат искуствата од ГАК, како и прашање дали сметаат дека некој треба да понесе одговорност за 39-годишната пациентка бидејќи и во неделата се пожалила на вознемиреност, а било одлучено психијатар да се повика пред исписот, од каде што очекуваме одговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се заканувал со напад со „калашников“, иснпириран бил од настан од САД: дваесетгодишник од Мала Речица под истрага за тероризам
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам.
Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена, соопшти обвинителството.
Македонија
Првиот том на етимолошкиот речник – капитално дело за македонскиот јазик реализирано со буџетска поддршка, ќе растат средствата за наука, најави Јаневска
Првиот том на Македонскиот етимолошки речник е дело од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката. Целиот проект за прв ваков речник е доказ дека кога државата вложува во наука, а научните работници со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, тогаш имаме значајни и трајни резултати, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на Речникот којшто е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Негов автор е професор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука има полна поддршка од Владата да ги зголемува вложувањата во научни истражувања. Лани со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата.
Минатата година буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари.
„Македонија мора да се сврти кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Премногу долго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок. Светот, па и регионот, одат напред со брзи чекори, а ние не смееме да си дозволиме само да ги гледаме“, укажа министерката Јаневска.
Финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Заедно со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование ќе се создаде добра основа за развој на науката и истражувањата и важно е само научниците и професорите да сакаат да творат.
Македонија
„Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука“: Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата очекува Владата да постапува одговорно
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата со внимание го следи процесот за избор на нов државен јавен обвинител, нагласуваат од таму.
„Имајќи предвид дека Совет на јавни обвинители јавно соопшти дека дал позитивно мислење за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови и дека предметот е доставен во понатамошна постапка до Владата на Република Северна Македонија, сметаме дека од овој момент одговорноста за зачувување на кредибилитетот на постапката е кај извршната власт“.
Укажуваат дека јавни изјави на Претседателот на Владата, со кои, као што велат, однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.
Особено, како што појаснуваат, имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката.
Според нив, изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда.
„Оттука, очекуваме Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспарентност во носењето на конечната одлука.
Во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување, и институционална независност во работењето на обвинителството. Затоа, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон“.
Потсетуваат дека и во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања.
„Оттука, особено е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“.
Платформата, подвлекуваат, нема да навлегува во оценка на поединечни кандидати, но јасно укажува дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата. Очекуваат одлуката да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми. „Секое отстапување од принципите на професионалност, еднаков третман и транспарентност ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста на обвинителството“.

