Македонија
РСБСП: Брзото возење убива и изнудува грешки што најчесто завршуваат фатално
Брзината е идентификувана како клучен фактор на ризик за безбедноста во патниот сообраќај, кој влијае и на ризикот од сообраќајни незгоди, како и на сериозноста на повредите, кои се резултат на сообраќајни незгоди, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
„Неприспособената брзина на условите на патот предизвикува особен ризик од сообраќајни инциденти, кои често завршуваат со трагичен крај. Во денешниот технолошки напредок, кога возилата имаат поголема моќност и брзина на движење, сè повеќе се става акцент на регулирањето на брзината во и надвор од населени места.
Брзината предизвикува грешки што тешко може да се отстранат доколку возилото се движи брзо. При голема брзина тешко може да се избегне пречка на патот, а се намалува и навременото запирање на возилото“, се наведува во соопштението.
Статистиката, на која се повикуваат од РСБСП, вели дека брзото возење и понатаму останува доминантна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици.
Кога е во прашање брзото возење, главно постојат три групи на возачи, и тоа:
• возачи што целосно и безусловно ги почитуваат правилата за ограничување на брзината,
• возачи што понекогаш ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината или тоа го прават во рамките на отстапувања, кои според нивно лично мислење се прифатливи и
• возачи што често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината.
„Науката и статистиката покажуваат дека сопирачкиот пат на возило што се движи со брзина од 50 км/ч е 26 метри, а сопирачкиот пат на возило со брзина од 60 км/ч е 34 метри. Разликата од 10 км/ч е, всушност, разлика помеѓу живот и смрт. Токму тоа беше и причината најголемата дозволена брзина во населено место во изминатите години да се намали од 60 км/ч на 50 км/ч.
Брзината од 10 км на час над дозволената го зголемува растојанието на сопирање на возилото во просек за 10 метри, што може да биде фатално, особено во населени места. Затоа е важно да се намали просечната брзина во населени места и на регионалните патишта со цел да се подобри безбедноста во сообраќајот. Според резултати од странски истражувања, со намалување на просечната брзина за 1 км на час бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил 4 проценти, а бројот на сообраќајни незгоди надвор од населено место би се намалил 2 процента“, стои во соопштението.
Фактот дека побавното возење е побезбедено се потврдува и со фактот дека веројатноста за смртност на пешаците при удар на возило што се движи со брзина од 50 км на час е 85 проценти, а веројатноста пешак да загине при удар на возило што се движи со брзина од 30 км на час е помалку од 10 проценти.
Контролирањето на брзината на возилото може да спречи да се случат сообраќајни незгоди, а кога тие ќе се случат, може да ги намали нивните последици, притоа намалувајќи ја сериозноста на повредите кај жртвите.
РСБСП со апел: Брзото возење убива и изнудува грешки што најчесто завршуваат фатално. Затоа, намали ја брзината пред да биде доцна. Биди одговорен возач и почитувај ги правилата за ограничување на брзината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.

