Македонија
РСБСП со апел: Безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните
Почетокот на септември го најавува и почетокот на новата учебна година и првото училишно ѕвоно. Нови предизвици, нови можности, но и нови обврски и грижи, особено за родителите и за учениците соочувајќи се со огромниот предизвик, директно поврзан со сообраќајот, како децата навремено и безбедно да пристигнат до училишниот двор.
Фреквенцијата на возила и на пешаци во сообраќајот, со почетокот на учебната година, значително се зголемува. Согласно со тоа, се зголемува и потребата за дополнителна доза внимателност од страна на сите учесници во сообраќајот, особено кога се движат во близина на училиште или на градинка, укажува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Препораки и совети за возачите
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува возачите за секојдневната пракса во која децата неочекувано истрчуваат на улица, како и на законската обврска во зона на училиште и градинка да се намали брзината на движење и да се зголеми будноста и внимателноста. Не заборавајте, безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните!
Повеќе од познат е фактот дека деца помлади од 12 години недоволно ја проценуваат оддалеченоста на автомобилите и потребното време да ја преминат улицата. Исто така, познато е дека децата знаат да бидат темпераментни и невнимателни. Децата влегуваат во една од ранливите групи учесници во сообраќајот, која е и најризична бидејќи децата се едниствените без животно и сообраќајно искуство и не ги разбираат опасностите што им се закануваат во сообраќајот! Затоа, грижата на возачите за нивното безбедно движење во сообраќајот треба да биде максимална!
Препораки и совети за родителите
РСБСП со потсетување за родителите, личниот пример на децата на кој тие секојдневно се огледуваат: безусловно и целосно почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот! Стастистичките податоци покажуваат дека децата многу често страдат во сообраќајни незгоди како патници. Во таа насока, РСБСП потсетува на законската обврска според која, деца кои немаат полни 12 години не смеат да се превезуваат на предното седиште, како и за обврската за користење сигурносен појас на сите седишта и детско седиште за деца на возраст до 5 години (дури и тогаш кога возењето трае кратко).
Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку очекувате. Затоа, многу е важно секогаш да бидете заштитени вие и вашите најмили.
Секој одговорен родител, покрај другите обврски, со почетокот на учебната година должен е на своето дете да му го покаже и да му го повтори најбезбедниот пат од училиште до дома, да му посочи на детето за потенцијалните ризици и закани во сообраќајот и да му ги објасни и повтори најважните правила и прописи во сообраќајот. За дополнителна заштита на децата, во ноќни услови и во услови на намалена видливост се препорачува носење светла облека, користење рефлектирачки материјали на облеката, училишните торби и слично.
Препораки и совети за децата!
Децата кои одат во училиште сами, без придружба на родител или на друго возрасно лице, да користат безбедни пешачки рути и секогаш да се движат по тротоарот. При преминување на улицата, секогаш да користат обележани пешачки премини, така што прво ќе погледнат лево, па десно и пак лево, пред да зачекорат на улицата.
Секогаш да се присетуваат на советите од родителите и наставниците. Во населени места, да се движат по тротоар или по патека за пешаци. Доколку ја нема, тогаш треба да се движат што е можно поблиску до работ на коловозот.
Учениците, кога патуваат со автобус, по излегувањето од автобусот, секогаш треба да почекаат прво да помине автобусот, па дури потоа да ја преминат улицата. Трчање на улица пред или зад автобусот е многу ризично и опасно.
Децата треба да знаат дека не смеат да излегуваат на улица кога се движат меѓу паркирани автомобили бидејќи се пониски од нив и возачите не можат да ги забележат пред да излезат на патот.
Децата треба секогаш да бидат внимателни кога се движат на улица или по тротоар.
РСБСП на сите ученици им посакува успешна учебна година и уште еднаш ги потсетува безбедно, внимателно и одговорно да учествуваат во сообраќајот! Децата тргнаа на училиште. Одличен 5 ако внимаваш на децата во сообраќајот!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

