Македонија
Русија протера македонски дипломат

В.Д. амбасадорката на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, денеска била повикана во руското МНР, каде ѝ била врачена нота, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за „персона нон грата“, информираа преку социјалните мрежи од амбасадата на Русија во земјава.
❗Оваа мерка е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година.
— Посольство России МК (@Russian_Emb_MKD) October 4, 2021
„Мерката е одговор на сосема неоснована одлука за прогласувањето на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за ‘персона нон грата’ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, појаснуваат од руското дипломатко претставништво.
Случајот од август беше втор случај годинава руски дипломат да биде протеран од државата.
Министерот Бујар Османи во таа пригода рече дека информацијата е од доверлив карактер и не може да даде детали за причината за протерувањето.
Претходно на 18 мај годинава Северна Македонија прогласи друг руски дипломат за непожелна личност во земјата, согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.
Тогаш, Русија возврати на 10 јуни соопштувајќи дека дипломат вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва е прогласен за непожелна личност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пет пожари на отворено во Македонија

До 12:30 часот, на територијата на Македонија имало вкупно пет пожари на отворен простор, од кои два се под контрола, а три се водат како сè уште активни, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се три пожари и тоа во Општина Битола – с. Братиндол, гори сува трева во нива, во Општина Прилеп – гори сува трева над касарната и во Општина Валандово – гори сува трева покрај патот Валандово–Дојран.
Под контрола се два пожари, и тоа во Општина Тетово – гори ѓубре кај железничката станицаи во Општина Ранковце – гори ниска трева и ситна шума.
Македонија
Откриена бесправна сеча на дрва во Струшко, дрвокрадците избегале

Вчера во 14:30 часот, при контроли извршени кај месноста „Студенец“ во атарот на струшкото село Радолишта, полициски службеници пронајдоа два трактори без регистарски ознаки, натоварени со буково огревно дрво.
Две лица кои вршеле бесправна сеча со моторна пила, откако ги забележале полициските службеници, избегале од местото оставајќи ги тракторите, моторните пили и другата опрема.
При извршен увид, констатирано е дека се работи за бесправна сеча на дрво за огрев од околу 60 метри просторни кои, по консултација со јавен обвинител, се предадени на претставници на Шумското стопанство од Струга.
По целосно расветлување на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора: Здравство ги презема нејзините надлежности

Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство ги презема нејзините надлежности, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Вчера донесов одлука заснована на факти, на закон и на обврската да ја заштитам довербата во здравствениот систем. Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон“, рече Алиу.
Тој додаде дека, исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација.
„На Комората ѝ беше дадена можност да ги отстрани недостатоците. Но, не го стори тоа. Затоа, имајќи ја предвид одредбата од член 261, став 1, алинеја 4 од Законот за здравствената заштита, а врз основа на препораките на стручната комисија, донесов одлука, за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора. Од денес, Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“, рече Алиу.
Тој кажа дека овој чекор не е казна туку дека е почеток на реформа што ќе врати доверба, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаења и вештини усогласени со најновите светски стандарди.