Македонија
Русковска: Не се гледам во ликот на Катица Јанева
Обвинителката Вилма Русковска не сака да верува дека политичар или политика стои зад суспензијата и дисциплинската постапка, ама бара од новинарите тоа да го утврдат. Таа вели дека ова не го гледа како притисок од актуелната влада, а не сакаше да каже од која поради страв дека ќе ѝ поднесат тужба за клевета. Себеси не се гледа во ликот на Катица Јанева, која исто така беше разрешена од функцијата во СЈО.
„Не се гледам во ликот на Катица Јанева. Не сум ја злоупотребила функцијата, немам намера да ја злоупотребувам, а особено, за парични средства како што беше докажано. Не ја споредувам мојата судбина со истата. Сметам и повторно сакам да нагласам дека сè што е преземено во предметите е согласно законите“, кажа Русковска.
Русковска не се гледа како републички обвинител, бидејќи тој се предлага од Владата.
„Не верувам дека ќе бидам нивни предлог“, кажа Русковска, па на прашање дали суспензијата и дисциплинската се притисок од Владата, таа додаде: „Од сегашната не е затоа што јас колку што се сеќавам, уште на старт имаше соопштение од нив дека ја поддржуваат борбата против корупцијата. Не доаѓа од оваа Влада, а ние сме имале други влади претходно“, додаде Русковска.
Таа кажа дека е поддржана од колеги од регионот кои ѝ нуделе помош и поддршка, како и дека ѝ се јавиле судии и обвинители, како и адвокати од Македонија.
„Не сум се чула со јавниот обвинител, воопшто. Во врска со повикот до меѓународната заедница, сакам да истакнам дека не очекував јавно да се вмешаат во работата на обвинителството и судот. Тоа беше повеќе до јавноста, дека немам што да кријам“, кажа Русковска.
Најверојатно, нејзин заменик до в.д. шеф на обвинителството ќе биде Лиле Стефанова. Таа доаѓа од СЈО. Во неа, Русковска рече дека нема зошто да не ѝ верува.
„Она е избрана од Советот на јавни обвинители во ОЈО-ГОКК. Доколку членовите на советот ѝ дале доверба, нема зошто јас да немам доверба во неа. Во годишниот распоред ја ставив раководител во Одделението за гонење лица со полициски овластувања, која е важна функција“, кажа Русковска.
„Јас искрено како обвинител не сакам да поверувам во такво нешто“, кажа Русковска на прашањето дали од политички причини е суспендирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

