Македонија
Русковска со порака до судија од Апелација: „Од гаќи ќе ве истресам, ако вие сте ја пуштиле Катица“
По најавата на обвинителката Вилма Русковска дека ќе покрене финансиска истрага против судиите од Апелација кои вчера донесоа одлука за куќен притвор на поранешната јавна обвинителка Катица Јанева, со реакција се јавија од Апелацискиот суд.
Судот ја пренесе и содржината на СМС-пораката која Русковска му ја испратила на еден од тројцата судии кои наводно ја донеле одлуката, а која гласи:
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“.
Апелацискиот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС-пораката, изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот, каде јавното обвинителство е само странка во постапката.
„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и етичкиот кодекс на јавните обвинители“, се наведува во соопштението на судот.
Вчера откако Јанева беше пуштена во куќен притвор, обвинителката Русковска најави финансиска истрага за судиите кои ја донеле ваквата одлука. Потоа од Апелацискиот суд најавија дека и тие ќе поднесат пријава за заканувачка СМС-порака од Русковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

