Македонија
Санчез: Можете да сметате на поддршката на Шпанија
Можете да сметате на поддршката од Шпанија за членство во Европската унија порача шпанскиот премиер Педро Санчез Перез-Кастехон на прес конференцијата по средбата со премиерот Димотар Ковачевски.
– Северна Македонија е во Европа – како географски, така и историски и сега сте еден чекор поблиску до вашата посакувана цел. Можете да сметате на поддршката од Шпанија на вашите следни чекори за членство во ЕУ. Ве поддржуваме и ќе продолжиме да Ве поддржуваме рече Санчез.
„Благодарност за вашата широкоградост и одговорност, што ја ставивте иднината на земјата и вашата европска визија пред било кој друг интерес. Ја направивте правиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде“, додаде шпанскиот премиер.
Како земји сојузнички во НАТО, од исклучителна важност е нашето единство во придонесот на што побезбедна Европа. Северна Македонија ќе продолжи да биде фактор на мир и стабилност во регионот. Заедно со Шпанија, ќе продолжиме да работиме на имплементација на целите на Алијансата за глобален мир и просперитет изјави македонскиот премиер Ковачевски на прес конференцијата.
– Во време во кое анти-демократските сили сериозно се обидуваат да влијаат врз стабилноста во Европа, ние како демократски, прогресивни и проевропски сојузници имаме обврска да го покажеме силното обединување против овие сили. Би сакал да го споделам заедничкиот заклучок дека оваа посета доаѓа во позитивен проевропски момент за Северна Македонија, кој планираме да го зајакнеме за време на шпанското претседателство со Европската Унија, кое со големо задоволство го очекуваме рече ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

