Македонија
Сања Лукаревска во Крива Паланка: Само кога СДСМ победува, победници се и државата и граѓаните
Важноста на овие избори не е во тоа дали ќе ги задржиме нашите позиции туку да ја сочуваме државата, нејзината стабилна и предвидлива иднина. СДСМ е силна, голема, моќна партија која поминала низ бројни премрежја од кои излегувала посилна. Не смееме да заборавиме низ што поминавме, и ние и нашата држава. Не смееме да ги заборавиме оние мачни години, години на прислушување, на закани, на молк, на навреди, рече носителката на третата изборна единица Сања Лукаревска, вечерва во Крива Паланка.
– Победивме заедно со народот, со слободољубивите граѓани, го исполнивме нашето најголемо ветување-живот во слобода. Сега ви ветуваме иднина, предвидлива, спокојна, европска. Затоа, клучно е СДСМ да победи на изборите. Сите добро знаете дека не претерувам кога велам дека само кога СДСМ победува, победници се и државата и граѓаните, рече Лукаревска.
Таа истакна дека во времето на кризи ниту еден граѓанин не беше заборавен.
„Се грижевме за сите граѓани, да им останат работните места, да добијат помош оние кои работат во приватниот сектор, непречено да тече исплатата на пензиите, социјалната помош, помошта за најранливите. Не ги заборавивме ниту земјоделците, ниту сточарите. За нас проблемите се предизвик. И тука сме. Се бориме со проблемите, не ги сокриваме, не ги подметнуваме кај друг. И затоа ќе победиме. Сите ќе победиме.
Знам дека Крива Паланка и на 24 април и на 8 мај ќе го направи најдобриот избор- Стево Пендаровски и Социјал демократскиот сојуз на Македонија. Ви ветувам дека заедно ќе ја прославиме победата. Тоа е победа на граѓаните, победа на Европска Македонија. Нема откажување од иднината, таму е нашата заедничка победа“, рече носителката на третата изборна единица, Сања Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..