Македонија
Свечено отворање на Школата за млади лидери на Иванов
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери, што по негова иницијатива десетти пат ќе се одржи во Струга, од 11 до 22 февруари.
На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, ќе се обрати и д-р Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање ќе одржи г. Сани Шенер, извршен директор на „ТАВ аеродроми“, а ќе се одржи и панел-дискусија за предизвиците на 4. индустриска револуција, тема што ќе биде во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.
На годинешната Школа ќе учествуваат дваесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на 40 учесници на Школата.
Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се Пинар Ајваз Арикан, генерален директор на „Туркиш ерлајнс“ во Скопје, Штефан Петер, претседател на Извршниот одбор на „ЕВН Македонија“, Фанија Самак од компанијата „Микросам“ од Прилеп, Нина Ангеловска, коосновач на „Групер“, Љупка Арсова, инженер за животна средина во Источната истражувачка група, со седиште во САД, Разије Невзат, координатор на одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Универзитетот „Источен Медитеран“, Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, Рашела Мизрахи од Универзитетот „Бар Илан“, Израел, Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора, Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија. Предавања на Школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и од светот.
Во рамките на одржувањето на 10. Школа за млади лидери учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде што ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов и се организира веќе 9 години. Идејата на претседателот Иванов е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ги развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Програмата на Школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
Во изминатите девет години на Школата учествуваа 360 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи. Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис-ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

