Македонија
СДСМ Аеродром: Нема крај на ужасот во кој граѓаните живеат во општина Аеродром
Нема крај на хаосот и ужасот во кои граѓаните секојдневно живеат во општина Аеродром под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Муцунски. Изминатите денови по социјалните мрежи се споделуваат голем број фотографии на граѓани од појавата на змии низ урбаните делови во општина Аеродром. Парковите, детските игралишта, паркинзите стануваат опасност по граѓаните на Аеродром се вели во соопштението за јавност на ОО СДСМ Аеродром.
Родителите се во страв за своите деца и секојдневно упатуваат апели до локалната власт да превземат мерки за неискосените тревници со цел да се спречи појавата на змии низ општината.
Покрај проблемот што се случува со зголемениот број на бездомни кучиња, сега поголем проблем е енормната појава на змии низ парковите во Аеродром.
Крајно неодговорниот пристап на градоначалникот Муцунски станува опасност по граѓаните на општина Аеродром. Преокупираноста на Муцунски со теми поврзани од централната политика и остварување на личните амбиции ги загрозува граѓаните на општина Аеродром.
Повикуваме општината веднаш да превземе мерки за справување со хаосот, неискосените тревници и расфрланиот шут и отпад веднаш да се исчистат, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Регионалниот систем за отпад е реалност
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Хоџа се осврна на системските политики во областа на управувањето со отпадот, нагласувајќи дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, истакна министерот Хоџа.
Тој потсети дека уште од почетокот на неговиот мандат управувањето со отпадот го поставил како еден од клучните приоритети, потенцирајќи дека се неопходни долгорочни и одржливи решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, нагласи Хоџа.
Министерот ја истакна и значајната улога на европските партнери во процесот на воспоставување одржлив систем за управување со отпад.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема-тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, рече тој.
На крајот, Хоџа порача дека управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, додавајќи дека зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Македонија
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски, поднесе оставка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка, дознава „Дојче веле“.
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година.
Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето.
Како што наведува „Дојче веле“, одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници.
Македонија
Општина Центар продолжува со бесплатниот транспорт за лицата со попреченост
Општина Центар и Црвениот крст потпишаа договор за продолжување на соработката за користење на услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за проект кој се покажа како значаен и корисен, и ги повика граѓаните кои имаат потреба од ваква услуга активно да ја користат.
„Со овој проект им го олеснуваме животот на лицата со попреченост. За реализација на услугата, Општина Центар издвои 500.000 денари од сопствениот буџет, со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните на кои тоа им е најпотребно“, посочи Герасимовски по средбата со претставниците на Црвениот крст.
Услугата подразбира бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот крст за лица над 18 години кои користат ортопедско помагало (инвалидска количка, дубак или одалка) и живеат на територијата на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка, односно неподвижна состојба.
Транспортот треба да се закаже минимум 24 часа однапред (од понеделник до петок) со телефонски повик на бројот на Црвениот крст. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник до една конкретна дестинација. Термините се закажуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот.
Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на една година, но доколку имаат потреба од повеќе, истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

