Македонија
СДСМ: Антикризниот пакет веќе дава видливи резултати

Приоритет на Владата предводена од СДСМ во време на најголемата глобална криза е заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството, велат од партијата во утринското соопштение.
Во него се додава дека антикризниот пакет од 26 мерки веќе дава видливи резултати.
„Благодарение на намалувањето на ДДВ и на акцизата, нашите граѓани точат нафтени деривати по најниски цени во регионот.
Дополнително се намалени цените на бензините за два денари по литар, а цената на дизелот е намалена за три денари.
СДСМ како одговорна партија продолжува со реализација на мерки и политики кои го заштитуваат стандардот на граѓаните и обезбедуваат економска стабилност“, се наведува во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Непочитувањето на албанскиот јазик, огледало на Влада која го негира мултиетничкиот реалитет на државата

„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради континуираното занемарување на употребата на албанскиот јазик во официјалната комуникација на Владата на Република Северна Македонија. Еднаквата употреба на службените јазици не е техничко прашање или политичка желба, туку законска обврска, вредност на соживотот и основа на демократскиот поредок“, велат од ДУИ.
„Долго време албанските граѓани се чувствуваат исклучени од правото на еднаков пристап до јавните информации што произлегуваат од државните институции. Недостигот на албански јазик, преводи, задоцнети ажурирања и непотполни официјални веб-страници на албански јазик се јасен доказ за исклучувачки пристап што е спротивен на духот на Охридскиот договор и Законот за употреба на јазиците.
Уште позагрижувачки е намерниот селективен пристап: за други теми Владата реагира и информира, но кога станува збор за албанскиот јазик, одговорот е молк и игнорирање. Ова не е недостаток на капацитет, туку недостаток на волја.
ДУИ потсетува дека неспроведувањето на Законот за јазиците не е само прекршување на законот, туку и удар врз достоинството на албанските граѓани и го поткопува нивната доверба во институциите на државата. Јазичните права не се симболика, туку неразделив дел од граѓанските права.
Ги повикуваме институциите албанскиот јазик да го гледаат како заедничко богатство и обврска што ја зајакнува единственоста на државата. Еднаквоста, инклузијата и транспарентноста не смеат да останат само празни флоскули, тие мора да се видат и почувствуваат во секојдневниот живот на секој граѓанин.
Ако оваа влада не е подготвена да го почитува еден од клучните столбови на нејзиното законско и уставно функционирање, тогаш таа го изгубила моралното право да води мултиетничка и европска држава.
ДУИ внимателно ќе го следи овој процес и ќе бара институционална одговорност за овој дискриминаторски пристап“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
(Видео) Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации зеле од осомничените од „Пулс“, прашува СДСМ

„Речиси четири месеци Мицкоски и Тошковски ја прикриваа вистината за трагедијата во Кочани и правеа сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив. Наместо итно да се побара одговорност, власта штитеше, молчеше и манипулираше со јавноста. Целта беше јасна – да се спречи вистината, за да се побегне од одговорноста од врвот на власта, до директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и до министерот Панче Тошковски“, вели Миле Талески – пратеник на СДСМ.
„Само по силен јавен и политички притисок, на СДСМ и дел од медиумите конечно беа отворени постапки против неколку полициски началници.
Сега е јасно како ден дека вината е во врвот на МВР, во врвот на власта и за тоа мора да има кривична, правна и политичка одговорност.
Директорот на БЈБ, Јанев треба да одговара кривично по закон и хиерархија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски мора веднаш да поднесе оставка. Без нивно повлекување, секоја истрага е компромитирана, секоја правда е селективна, како и досега.
Еве конкретни примери.
Главната инспекторка за економски криминал Кристина Јованова да не е опфатена со истрагата. Како е тоа можно?
Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката „Пулс“ работела нелегално повеќе од една година – без лиценца, со блокирана сметка.
Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста.
Штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување. Одиме понатаму. Полицијата имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите.
Не се прави контрола на објект кој нелегално работи тој се затвора. Полицијата исто така имала должност да спречи внес на пиротехнички средства, за што знаеме дека е клучен причинител за пожарот.
А кој ги постави сите овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници? Кој им давал наредби? Тошковски и Јанев.
Затоа одговорноста мора да почне од нив. СДСМ ќе ја продолжи борбата за вистината. Најавуваме дека следува продолжение, „Вистината за Кочани 2“ – со нова серија факти и аргументи, со нови информации.
Јасно прашуваме: Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс?
Правда за Кочани мора да има. За Кочани, за жртвите, за семејствата, за правната држава“, изјави Миле Талески – пратеник на СДСМ.
Македонија
Истепал и влечел девојче по улица, кога дошла полицијата, се заканил дека ќе ги нападне со секира и тесла: предложен притвор за 23-годишен велешанец

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка и предложи определување мерка притвор за едно лице осомничено за кривично дело – Насилство врз дете од член 201-а и шест кривични дела – Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Постои основано сомнение дека на 13 јуни 23-годишниот велешанец извршил физичко насилство врз девојче родено 2016 година, така што најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. Кога детето паднало на земја тој започнал да ја влече по улицата. Кога родителите на девојчето пријавиле во полиција, шестмина полициски службеници пристигнале на лице место, но осомничениот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете. Со опасните орудија започнал да се приближува кон полицајците и не застанувал на дадените наредби да запре, по што полициските службеници испукале два предупредувачки куршуми во воздух. Осомничениот се дал во бегство и бил недостапен два дена.
По неговото приведување во полициска станица, осомничениот продолжил да им се заканува на полицајците, поради што обвинителот оцени дека постои реална опасност тој да ги доврши кривичните дела доколку биде пуштен да се брани од слобода. Исто така, јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор и поради опасност од бегство.