Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го доведува во опасност здравјето на сите граѓани
Од почетокот на корона-кризата во земјата, ВМРО-ДПМНЕ дејствува неконструктивно со опструкции и критики, а сега со одолговлекување на донесувањето на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, опозицијата го покажа и своето нехумано лице и за дневнополитички поени, на коцка го става здравјето на сите граѓани, велат од СДСМ преку соопштение.
„Во време кога имаме нов бран на коронавирусот, кога се полнат болниците и расте бројот на заразени, ВМРО-ДПМНЕ, како и секогаш, одмага, или нема став или е спротивен на интересите на државата и на граѓаните.
Колку се неодговорни и несериозни покажуваат со тоа што во Собранието побараа одлагање на точката за измена на Законот за заштита на населението од заразни болести за да се вметнат нивни предлози, и наместо тоа на крај да предложат сосема друго, формирање паралелна специјална комисија за справување со Ковид-19, па дури и формираа нивна комисија внатре во партијата.
Нивното барање за формирање специјална комисија е уште едно во низата деструктивни дејствувања на опозициската партија. Комисијата за заразни болести е составена од стручни, докажани професионалци во здравството и нема никаква потреба од формирање нова, паралелна комисија.
ВМРО-ДПМНЕ едноставно не знае што прави, за 24 часа три пати го смени ставот, со вакво ВМРО-ДПМНЕ не може да се постигне договор за ништо.
Меѓу деструктивните потези на ВМРО-ДПМНЕ, особено се издвојува тоа што заменик-министерката за финансии во техничката влада не го потпиша заемот од Светска банка, наменет за поддршка на здравствениот систем и подготовка на дополнителни болнички капацитети за есенскиот бран, со кој се соочуваме сега.
Со тоа опозицијата практично го запре процесот за спроведување на проектот за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од коронавирусот.
Прагот на толеранција во однос на политизирањето на процесите за справување со коронавирусот е надминат, не само во рамките на парламентот туку и кај граѓаните.
Да не бараа одлагање веќе ќе беа донесени измените на законот и мерките за заштита од коронавирусот.
СДСМ уште еднаш повикува на разум и одговорност, јавното здравје е над партиските интереси.
Коронавирусот нема да застане и да чека ВМРО-ДПМНЕ да игра политички игри и да го доведува во опасност јавното здравје, мерките мора да се донесат во најкус можен рок“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

