Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ доживеа дебакл на локалните избори во двете општини, а во Тетово има драстичен пад на гласовите
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ двојно загубија на изборите, имаат и драстичен пад на гласовите во Тетово. Вака СДСМ ги коментира резултатите на опозициската партија на локалните избори во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, и за советници во Тетово.
„Кандидатот на СДСМ и европската коалиција убедливо победи во Маврово Ростуше над кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, со разлика од 1.300 гласа. Во Центар Жупа ВМРО-ДПМНЕ доживеа дебакл, затоа што сакаше да пропаднат изборите. Сепак, победи кандидатот на владејачката коалиција со освоени над 3.000 гласови“, велат од СДСМ.
За советот на Тетово, од СДСМ коментираат дека партијата на Мицкоски има континуиран и драстичен пад на гласовите од минатите избори а бројот на советници во советот на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ останува непроменет.
„Во 2017 година ВМРО-ДПМНЕ освоила 5.903 гласови, во 2021 4.052 а на вчерашните вонредни локални избори едвај 3.000 гласови. Нивниот коалициски партнер Левица исто така доживеа дебакл. Граѓаните им пратија јасна порака, не сакаат деструкции, блокади, анти европски и криминални ликови во политиката“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Седница на ЦО на ЗНАМ: Продолжуваме со уште појасна визија и цврста решеност да бидеме фактор на стабилност, ред и одговорност во македонската политика
Централниот одбор во проширен состав на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија вечерва одржа седница на која беа разгледани и усвоени извештаите и анализите од Локалните избори 2025 година, како и заклучоците за понатамошното политичко дејствување на партијата, известува ЗНАМ.
„Централниот одбор констатираше дека поставените политички цели за овие избори се реализирани и дека ЗНАМ од изборниот процес излегува посилно, поконсолидирано и политички појасно позиционирано од кога било досега, како сериозна и одговорна политичка сила со јасна насока на развој.

Со речиси 40.000 освоени гласови на советничките листи и присуството на ЗНАМ во повеќе од 45 општински совети, Движењето уште еднаш потврди дека не е ниту проект, ниту привремена појава, туку стабилна и растечка политичка опција со поддршка низ целата територија на државата.
Настапот на ЗНАМ на овие локални избори беше самостоен и принципиелен, со јасна определба дека довербата на граѓаните не се купува по секоја цена, туку се гради со јасни ставови, конзистентни политики и реални резултати. ЗНАМ свесно избра да расте одговорно и контролирано, водејќи се од долгорочниот интерес на државата, а не од дневно-политички калкулации“, соопштуваат од ЗНАМ.

„Во таа насока, Централниот одбор ги дефинираше и следните чекори во натамошното јакнење на партиската структура и политичкото дејствување.
Во наредниот период ќе се пристапи кон формирање на Клуб на млади и Клуб на жени во рамки на Движењето ЗНАМ, како организирани форми за активно вклучување на младите и жените во креирањето политики, јакнењето на кадровскиот потенцијал и модернизацијата на политичкиот пристап на партијата.

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија продолжува со уште појасна визија, засилен државотворен наратив и цврста решеност да биде фактор на стабилност, ред и одговорност во македонската политика, уверено дека добиената поддршка од граѓаните претставува темел врз кој ќе се гради уште посилна позиција на следните парламентарни избори“, се додава во соопштението на ЗНАМ.

Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.

