Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е против секој стратешки проект, намерно лаже за Договорот со Бехтел
„Како и многу пати досега, ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски е против реализација на стратешки проекти во државата.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ намерно шири невистини за изградбата на коридорите 8 и 10Д, најголемиот проект вреден 1.3 милијарди евра.
Од овие средства, над 600 милиони евра ќе завршат кај домашните градежни компании.
Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека државата ќе плаќа пенали ако во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите се целосно неточни.
Како кај секој друг договор каде Инвеститорот и Изведувачот имаат свои права и обврски, Изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби, но сепак во тој случај рокот за изведба би бил подолг.
Лажно е и тврдењето дека со промената на законските решенија се нарушуват работничките права.
Станува збор за предложени измени во Законот за работни односи кои се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес, односно се работи за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50% повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа за останатите прекувремени часови согласно Законот за работни односи.
И она што е најважно, сето тоа ќе се случува единствено со претходна обезбедена писмена согласност од самиот работник.
ВМРО-ДПМНЕ во времето на своето владеење, системски ги кршеше работничките права, а македонските граѓани ги сметаше и ги претставуваше како евтина работна сила.
Инвестициите во патните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10 д се историски најголеми инвестиции во инфраструктурата, со што конечно ќе се заокружи децениски стратешки проект во интерес на граѓаните и државата“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНМ и ССНМ: Каква било резолуција не смее да влијае на новинарската слобода на изразување
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), укажуваат на одредени формулации во Резолуцијата за миграцијата поднесена од партиите што се дел од владината коалиција до Собранието, кои се однесуваат на јавниот говор и медиумското известување. Притоа, истакнуваат дека не навлегуваат во политичката, безбедносната или стратешката суштина на резолуцијата, ниту во дебатата за мигрантските политики.
„Неколку формулации во резолуцијата кои се однесуваат на јавниот говор, дезинформациите и наводното нарушување на јавниот ред и мир, во ваква општа и недоволно прецизна форма можат да бидат проблематични од аспект на слободата на медиумите и правото на информирање“, велат од таму.
Во соопштението се наведува дека особено загрижува фактот што во резолуцијата се прави директна врска меѓу „дезинформации“, „ширење паника“ и примена на одредби од Кривичниот законик и други закони, без јасно и недвосмислено разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување. Ваквите формулации, велат од ЗНМ и ССНМ, оставаат простор за широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите.
„ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во демократско општество улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат изјавите и политиките на сите носители на власт, вклучително и преку поставување прашања, анализа и пренесување информации од јавен интерес, дури и кога тие информации се непријатни или контроверзни за власта. Таквото известување не смее да се поистоветува со „дезинформации“, „манипулации“, „лажни сценарија“ или закана по јавниот ред и мир, доколку е засновано на професионални и етички новинарски стандарди.
Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во државата веќе постојат воспоставени механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа, кои се единствениот соодветен пат за постапување во вакви случаи, наместо решенија преку општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект кон слободата на изразувањето.
Апелираме институциите, при донесување резолуции, декларации или други акти, особено внимателно да ги формулираат деловите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор, со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана по слободата на изразување, која е загарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права.
Слободните, професионални и независни медиуми и заштитата на правата на новинарите се клучен столб на демократското општество и на јавниот интерес“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.

