Македонија
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ неодговорно и конфузно, не се знае кој им е координатор

Иако ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието има деловничка можност да ги соочи своите аргументи со претставници на Владата и да поставува прашања за теми што се во интерес на граѓаните, половина од пратениците на опозициската партија не се присутни во собраниската сала со што уште еднаш покажуваат колку навистина не им се важни потребите на граѓаните, се вели во соопштението на СДСМ.
Дополнително, како што посочуваат, иако ВМРО-ДПМНЕ јавно соопшти дека координатор на нивната пратеничка група е Драган Данев, на почетокот на седницата пратеникот Илија Димовски инсистираше да зборува во својство на координатор со што повторно се отвора прашањето колку пратенички групи има ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали со поделбите на пратениците во различни пратенички групи ВМРО-ДПМНЕ има за цел повторно да се обидува да го блокира функционирањето на Собранието и да ги запира реформите?
ВМРО-ДПМНЕ продолжува со неодговорно однесување преку коешто нанесува штета врз интересите на граѓаните, врз демократските процеси и нормалното функционирање на Собранието на Република Македонија“, смета СДСМ.
Велат дека во интерес на граѓаните и на државата ВМРО-ДПМНЕ мора да покаже капацитет да ги надмине политиките на блокади и деструкции и активно да се вклучи во спроведување на реформите коишто се од исклучително значење за Македонија и нејзините граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре и задутре бесплатен паркинг во зоните на „Градски паркинг“

Во текот на Велигденските празници, утре и задутре, на зонските паркиралишта кои се во надлежност на ЈП „Градски паркинг“ нема да се врши наплата за паркирање. Исклучок од ова е зоната А0 на Водно, каде граѓаните ќе мора да платат за паркирање.
Од претпријатието информираат дека во наредните два дена наплата нема да се врши и на јавните паркиралишта: Тутунски комбинат, Зоил и 8 Септември, додека пак редовна наплата ќе има во катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“, како и на сите останати јавни паркиракишта – Кочо Рацин, Градска болница, Нова Македонија, АМСМ, Народен фронт, Треска и Клинички центар „Мајка Тереза“.
Македонија
ДУИ за истрагата за пожарот во Кочани: Обвинителството се оддалечува од правдата и влегува во политичка игра

Од Демократската унија за интеграција остро реагираат на последната прес-конференција на главниот јавен обвинител, кој се повика на меѓународни примери како Романија, Бразил и САД, за да ја оправда одлуката за воведување долгорочна каузалност и отворање обвиненија против поранешни функционери.
„Ова не е право, ова е правна импровизација. Главниот обвинител не се води од закон, туку од желба за аплауз“, велат од ДУИ.
Од партијата потенцираат дека, за разлика од тврдењата на обвинителството, во ниту еден од наведените меѓународни случаи не се случило да се водат процеси против луѓе кои немале допирна точка со самата трагедија. Одговорност, според истражувањата, сноселе само директно инволвираните – најчесто три до пет лица – без историски ревизии или вештачки проширување на вината.
„Наместо да ја бара вистината низ призмата на правдата, обвинителството оди по патот на популизмот и спасување на Владата. Овој пристап не е само антипрофесионален – тој е антиуставен“, истакнуваат од ДУИ.
Според нив, ова е јасен показател за политички договор помеѓу извршната и судската власт, што ја нарушува независноста на правосудниот систем.
„Претворањето на трагедијата во алатка за лична или институционална промоција е опасна девијација. Последиците од ваквото дејствување можат да бидат несогледливи“, предупредуваат од партијата.
ДУИ упатува јасен апел:
„Обвинителството мора веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата. Правото не се практикува по нарачка. Кариерите на политичарите и обвинителите не смеат да се градат врз туѓа трагедија“.
Од ДУИ јасно порачуваат: „Историјата, правото и јавноста ќе ги паметат тие имиња – не како херои на правдата, туку како пример за злоупотреба на правниот систем под политички и јавен притисок.“
Македонија
Полесно до потврдите за сопственост на моторни возила, воведена е нова електронска услуга

Министерството за дигитална трансформација денеска информира дека достапни се две нови услуги на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk, кои се однесуваат на Министерството за внатрешни работи.
Како што посочуваат од Министерството, станува збор за многу користени потврди за моторни возила кои се употребуваат во прометот – Потврда за моментална сопственост на моторни возила за физички лица и Потврда за поседување на моторни возила за одреден временски период за физички лица (историјат за возило).
Овие две услуги отсега се достапни во електронска форма и истите можат да се употребуваат во правниот промет. Нивното добивање е достапно и во центрите за услуги на Министерството за дигитална трансформација во Скопје (Центар), Аеродром, Куманово, Тетово, Јегуновце, Битола, Охрид и Штип.
– Дигитализацијата на овие нови услуги на Националниот портал е значаен чекор напред во насока на транспарентност и ефикасност на институциите. Со нивното дигитализирање, граѓаните добиваат ефикасна услуга, јасен увид во постапките, намалувајќи ја можноста за злоупотреби и зајакнувајќи ја довербата во јавната администрација, соопштуваат од Министерството за дигитална трансформација.