Македонија
СДСМ: ВМРО-ДУИ eдната рака ја мие другата, Мицкоски ги применува истите правила на својот учител Груевски
„ВМРО и ДУИ не се само партнери, тие се повеќедецениски соработници кои меѓусебно се поддржуваат во сите валкани работи, само за да ја зачуваат моќта и да го поделат пленот. Ова се стари правила на „тендер коалиција“, ништо ново. Нивните договори траат уште од времето на Груевски“, велат од СДСМ
„Денес ВМРО, под водство на Христијан Мицкоски, ги применува истите тие правила на својот учител Груевски. Ништо не се променило, само цените се зголемиле, тендерите се намножиле а апетитите пораснале. Сè стана јасно по нивните состаноци околу укинувањето на техничката влада, каде јавно порачаа дека имаат договор за клучни прашања „за државата“ а „државата“ тоа се тие!
Ахмети отворено призна дека преговорите за влегување на ДУИ во владата траат веќе една година, додека Мицкоски најавува тет-а-тет состаноци со Ахмети, за да се договорат сè лице в лице.
Но, што е тука всушност во прашање? Класичен „јас на тебе – ти на мене“ принцип, каде законите и министерствата се разменуваат како на пазар.
Овој пат темата беше: Законот за прекршци односно „Safe City“.
ДУИ да го поддржи Законот а за возврат ДУИ да добие некаков буџет за организирање тендери.
Ако ДУИ го добие својот дел од колачот, тие ќе гласаат за законот. Ако не, ќе го блокираат.
И токму тоа се случи: Мицкоски не го даде она што го бараа, па ДУИ не гласаше.
Проектот „Safe city“, кој започна во времето на СДСМ со идеја за безбедност во сообраќајот, како што првично беше замислен, е претворен во алатка за следење на граѓаните!
Со ова планираат и апликација која граѓаните ќе ја инсталираат во своите телефони со сите свои лични податоци.
Токму поради овој спорен дел од законот, во рацете на ВМРО се предадени 65.000 камери за снимање а наскоро и податоците на корисниците и нивната контрола, преку новата апликација.
На сите им е познато уште од времето на Груевски како се користеле тие системи и како се злоупотребувале.
Наместо за безбедност во сообраќајот, ВМРО сега има можност за следење и контрола на сите граѓани на Македонија.
Поради ова СДСМ не го поддржа законот, бидејќи во Законот не е вметнат најважниот дел а тоа е контролата на оваа безбедносна алатка, нејзините собрани податоци и спречување од злоупореби.
Мицкоски сега може непречено да ги злоупотребува тие камери за да го надгледува секој што му пречи.
На крајот, законот помина и без ДУИ, бидејќи ВМРО има други сојузници за тендерски работи а Мицкоски вели дека ќе се состане со ДУИ „некогаш“, што значи до следното гласање, кога повторно ќе преговараат за нови отстапки.
Ова не е влада за народот, туку машина за корупција, каде едната рака ја мие другата, а граѓаните ја плаќаат сметката.
СДСМ ќе продолжи со борбата за европска Македонија и да ја врати власта во рацете на нејзините граѓани“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

