Македонија
СДСМ: Граѓаните не забораваат како изгледаше кога Груевски нѐ донесе до дното
На претстојните избори изборот пред граѓаните ќе биде помеѓу борба за европска иднина со СДСМ и откажување со ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„СДСМ има јасна визија за иднината на државата како европска. СДСМ е опција коjа носи надеж, која обезбедува поголеми плати и пензии, подостоинствен живот и која носи сигурна европска иднина. Граѓаните одлучуват дали Македонија ќе стане членка на ЕУ и ќе ги зголеми придобивките од членството во НАТО, или ќе заглави до недоглед во нова и тешка неизвесност што ќе донесе изолација, поделби и загрозување на иднината, на напредокот на земјата, Народот не сака да стои во место, не сака повторно да биде заглавен и понижен. Повторно заглавување, со наведната глава, никој не сака. Никој не сака да чека нови 11 години во нови чекални. Граѓаните не забораваат како изгледаше кога Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицковски, само ќе продолжи таму каде што застананеговиот ментор Груевски“, стои во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)
Македонија
Граѓаните со можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување: советодавни денови помеѓу Фондот на ПИОМ и германскиот носител за пензиско осигурување
На 18 и 19 ноември 2025 година во Скопје ќе се одржат редовните советодавни денови помеѓу претставници на Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување.
Во рамките на советодавните денови граѓаните ќе имаат можност да добијат совети за нивните права од пензиското и инвалидското осигурување кои произлегуваат со примената на Договорот за социјално осигурување склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Сојузна Република Германија.
„Граѓаните ќе може да се информираат за условите за остварување на право на пензија, според правните прописи на двете држави договорнички, постапката за потврдување на стаж навршен во СР Германија, потребната документација при поднесување на барање за остварување право на германска пензија, постапката за враќање на придонеси, исплата на германска пензија во Северна Македонија и други прашања.
Заинтересираните странки термин може да закажат на следните телефонски броеви: 02 3250 452, 02 3250 453 и 02 3250 454
Фондот на ПИОМ ги известува странките дека со себе треба да ги понесат доказите за осигурувањето во СР Германија, како и документ за идентификација (лична карта или пасош).
Советодавните денови помеѓу Фондот на ПИОМ и Германскиот носител за пензиско осигурување ќе се одржат во просториите на Фондот на улица „23 Октомври“ бр 11, во Скопје, во салата за состаноци на четвртиот спрат во следните термини: 09 до 12 и 14 и 15 до 16 часот на 18 и на 19 ноември 2025 година“.

