Македонија
СДСМ: ДПМНЕ е антиевропска партија, која не сака да бидеме членка на ЕУ
„Јасно е дека ДПМНЕ е антиевропска партија, која во суштина и не се разликува од политичката партија Левица. Истовремено, Христијан Мицкоски е против ЕУ, како што беше и против членството во НАТО. Ист како Груевски, кој 11 години го блокира членството во НАТО и земјата ја држеше во изолација и надвор од европските интеграции“, велат од СДСМ.
„За лична кариера Мицкоски сака да држи како заложник цела држава, цел народ. Скапа е цената на таквите блокади на Мицкоски и ДПМНЕ, тие значат уште 11 години загубени години за целиот наш народ, за нашата држава, но нашите граѓани немаат нови децении за губење.
80 % од македонските граѓани се за членство во ЕУ, дури една четвртина од гласачите на ДПМНЕ се за членство во ЕУ“, соопшти СДСМ.
„Членството во ЕУ значи економски просперитет, подобар животен стандард, поголеми плати, социјална правда.
Државите кои се зачлениле, во првите 5 години имаат од 70 до 100% зголемување на платите на нивните работници, имаат економски раст, зголемување на БДП.
Држава членка на ЕУ добива огромна финансиска помош од различни фондови, 11 пати поголема по глава на жител од земја кандидат.
СДСМ, заедно со граѓаните, заедно со проевропскиот блок, нема да дозволи ДПМНЕ да ја загрози европската иднина на државата“, се додава во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендов променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а вдолж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со појава на магла, попладне со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Во недела времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во понеделник, кога и на некои од повисоките места ќе преминуваат во снег. Преодно стабилизирање на времето се очекува во вторник, а од среда повторно ќе има нови врнежи од дожд, а на планините од снег.
Македонија
Најавен прекин на товарниот сообраќај на граничните премини од понеделник: МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите
Министерството за внатрешни работи – Оддел за гранични работи и миграција известува дека до Министерството за внатрешни работи е доставена најава за одржување на јавен протест од страна на асоцијацијата „Макам-транс“, кој е најавен да започне на 26.01.2026 година од 12:00 часот.
Како што информира МВР, според доставената најава, протестот е планиран да се реализира на следните гранични премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини. Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран, велат од МВР.
„Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини“, соопшти МВР.
Македонија
Се поништува јавниот конкурс за избор на правно лице за добивање лиценца за испитен центар Велес
Министерството за внатрешни работи известува дека врз основа на Решение бр. 08-14488/1 од 22.01.2026 година, донесено од министерот за внатрешни работи, Јавниот конкурс за избор на правно лице за добивање лиценца за испитен центар Велес, се поништува.
Јавниот конкурс се поништува поради потребата од дополнително усогласување на временската динамика и процедурите поврзани со доставувањето на барањата и документацијата за исполнетост на условите за вршење на работите на испитен центар.
Со ова се обезбедува целосна правна прецизност, еднаков пристап на сите заинтересирани правни лица и непречено спроведување на постапката.
По извршените усогласувања, јавноста ќе биде дополнително информирана за повторно објавување на конкурсот, соопшти МВР.

