Македонија
СДСМ: Злоупотреба на пари во општина Битола за осудени од 27 април и партиски членови, ВМРО-ДПМНЕ не се менува
Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Битола да им се додели финансиска помош на партиски членови и роднини на осудените лица за 27 април е злоупотреба на пари на граѓаните на општина Битола, велат од СДСМ преку допис до медиумите.
„Тоа е истата режимска, насилничка партија, која овој пат заедно со Левица троши народни, општински пари за финансиски да поддржува лица осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок, лица кои се обидоа да убиваат пратеници, новинари и вработени во Собранието.
Додека ги покачува цените на услугите за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ парите од општинската каса ги дели на партиски членови.
За ова ли се задолжувањата на општините кои по налог на шпицниот Мицкоски го спроведуваат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ?“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Граѓаните немаат време да чекаат дислокација на „Усје“, на Скопје му треба чист воздух денес
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува Одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија.
„Тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржуваме како крајна цел. Сепак ДОМ како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста: дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција. Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима“, велат од ДОМ.
Затоа, смета партијата, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на конкретни мерки кои даваат резултат веднаш.
„Бараме од Владата и МЖСПП итно спроведување на следниот пакет мерки:
1. Јавен мониторинг во реално време – право да знаеме што дишеме:
Мерењата на емисиите од оџаците не смеат да бидат „интерна тајна“ на компанијата или достапни само за инспекторите. Бараме системот за мониторинг да биде директно поврзан со веб-страницата на МЖСПП со 24-часовен јавен пристап за сите граѓани. Податоците мора да се гледаат во живо, без можност за филтрирање или одложено прикажување. Јавноста мора да има увид во секој момент дали се надминати граничните вредности.
2. Временско поместување на ремонтите:
„Усје“ да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и јануари. Ова е бесплатна мерка која веднаш ќе го намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија.
3. Стоп за алтернативни горива:
Итна забрана за користење на пластика, текстил и гуми како енергенс. Додека фабриката е во населено место, мора да работи исклучиво на гас.
4. Технолошка надградба – „Влажни испирачи“:
Задолжително вградување на влажни испирачи (scrubbers) за фаќање на киселите гасови и честички. Ова е стандард кој мора да се исполни без одлагање доколку не се користи гас.
5. Жестока контрола на „малите оџаци“:
Загадувањето не е само од индустријата. Потребни се итни, засилени контроли на сервисите и погоните кои горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад. На испекторите да им се обезбеди современа опрема за индикативни мерења. За ова ни треба силен Инспекторат за животна средина (ДИЖС), предводен од докажан професионалец од техничките науки со искуство во индустријата,а не партиски кадри кои не ги познаваат процесите“, велат од ДОМ.
Македонија
Мрежата за заштита од дискриминација повика на избор на стручни и независни лица во Комисијата
На седницата одржана на 3.12.2025 година, Собранието распиша јавен оглас за избор на три члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да избере стручни, независни и непристрасни експерти како членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Комисијата, како независно тело за еднаквост, беше препознаена од страна на Европската комисија како тело коешто значително контрибуира во заштитата на човековите права и слободи. Телата за еднаквост се клучни во заштитата, промоцијата и унапредувањето на човековите права и слободи, и директно се поврзани со европската интеграција на земјата.
„По изгласување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, сведоци бевме на избор на членови на Комисијата коишто не ги исполнуваат условите предвидени во Законот и во објавениот оглас. Како што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2025 година, именувањето на членовите на Комисијата треба да биде врз основа на способности и во согласност со законските услови. Па така, во пресрет на изборот на нови три членови на Комисијата, апелираме и бараме Собранието да внимава на изборот на членовите на Комисијата, коишто ќе постапуваат во случаи кадешто најмаргинализираните наши сограѓани ќе се охрабрат да ја пријават дискриминацијата. Имајќи го тоа предвид, потсетуваме дека услови за избор се: да е државјанин на Република Северна Македонија, да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација, во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност, и да не е носител на функција во политичка партија“, велат од Мрежата.
Истовремено, апелираат дека составот на Комисијата треба да има предвид соодветна застапеност, односно да вклучува лица со попреченост, жени и/или припадници на ЛГБТ популација.
Како и претходните избори за членови на Комисијата, Мрежата за заштита од дискриминација внимателно ќе го набљудува изборот и ќе учествува во јавното претставување на кандидатите, со цел да осигура дека лицата-кандидати го имаат потребното законско искуство за членство во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Македонија
Филипче да одговори дали има удел во бизнисот на Заев за изградба на 42-катницата во Дубаи, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС продолжува на дневна основа да штанца долги, бесмислени и конфузни соопштенија без никаква суштина, но ги нема збор да кажат за големите инвестиции на Зоран Заев и Венко Филипче во Дубаи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Долго време зборувавме во јавноста дека Заев и Филипче имаат златни визи за Дубаи, за што и самите потврдија, но не кажуваа на кој начин ги стекнале. До душа, од Филипче имаше неуспешен обид да ја убеди јавноста дека златна виза ја добил откако бил во напредни преговори за работа со некоја болница во земјата, но тоа не ќе да е точно, затоа што до ден денес не видовме никако таков документ. По се изгледа, стекнувањето на златна виза е поради влог во недвижности, за што и Томе Аврамски, кој бил во Дубаи, вели дека и Заев и Филипче таму имаат станови. Освен ова, Аврамски кој е поранешен соработник на Зоран Заев, јавно на телевизиски настап изјави дека во Дубаи гради 42-катница. Но, она што е дилема во сето ова, за што и јавно го прашуваме Венко Филипче, каква е неговата улога во изградбата на 42-катницата на Заев, за која сите слушнавме сведоштво и дали неговата златна виза е резултат на ова бизнис партнерство за градење на згради во Дубаи?“, велат од партијата.
Ако ова е точно, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, следно што треба да одговори од каде му пари на Венко за да си дозволи толку голем влог, со оглед на тоа дека тој самиот цело време потенцира дека досега работел само како доктор и како пратеник?
„Со чесно заработена чиновничка плата, не се стига до милионски инвестиции во ексклузивниот Дубаи. Дополнително, Филипче треба да одговори на чии име се води станот за кој познаникот и поранешен соработник на Заев, Аврамски вели дека е во негова сопственост? За овој случај, освен што треба одговори, потребно е и одговорност. Затоа го повикуваме и Јавното обвинителство да го истражи случајот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

