Македонија
СДСМ: Извештајот на Вајц е нова потврда дека власта ја турка Македонија во изолација
Извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајс, е уште потврда на она што СДСМ со месеци го говори: Македонија е заглавена, реформи нема, процесот на пристапување кон ЕУ е сопрен, власта ја турка земјата во изолација, велат од СДСМ.
„„Процесот на пристапување е сопрен“ ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став од овој извештај. Во документот јасно се наведува дека нема напредокот во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата. Пораката од Брисел е јасна: проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото. Со владата на Мицкоски Македонија денес нема ниту едното ниту другото. Корупцијата и криминалот цветаат, секојдневно сме сведоци на криминални тендери. 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга фирма, 74 тендери за трета, 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, тендер 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. 57 дена поминаа а Обвинителството и ДКСК молчат и не преземаат ништо“, велат од СДСМ.
Според опозицијата, портпаролката на Владата, Марија Митева, потврдила дека Мицкоски управува со судовите со јавно изнесување информации од судски процес кој се уште трае.
„Мицкоски си поставува судии и обвинители под негова контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет, сега советник на Мицкоски во Уставниот суд. Се носат закони за правосудство кои не е во согласност со препораките на ЕУ. Наместо реформи Владата намерно отвора кавги со соседите, за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите. Води анти ЕУ кампања со обвинувања дека Европа е виновна. Високи 71% од граѓаните даваат поддршката за членство во ЕУ што значи дека политиката на изолација на ВМРО оди против волјата на народот“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.

