Македонија
СДСМ: Интерпелацијата за Димитров ќе биде нов пораз за очајната ВМРО-ДПМНЕ
Интерпелацијата за вицепремиерот Никола Димитров е само продолжение на деструктивноста и очајот на ВМРО-ДПМНЕ и докажаниот губитник Мицкоски, велат од СДСМ.
„Секојдневно се докажува дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се целосно загубени во времето и просторот, без став, без идеи, без програма, фокусирани само на блокади, на кочења и деструкции на штета на државата и граѓаните. Затоа доживуваат порази од граѓаните, одново и одново. Никако да ги научат лекциите“, се наведува во соопштението.
Во клучни моменти за стратешките интереси, дали станува збор за членството во НАТО, дали за членството во ЕУ, велат од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се посветени само на ширење лажни вести, хистерија и поткопување на државните интереси.
„За потсетување, интерпелација за Димитров имаше и минатата година. Тогаш, одвај 20 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за неа. Исто ќе биде и оваа година. Оваа интерпелација ќе биде уште еден пораз за ВМРО ДПМНЕ, Димитров ужива целосна доверба од пратениците на мнозинството, затоа што се бори за државните интереси. Сè додека ВМРО-ДПМНЕ се однесува вака неодговорно кон институциите, кон граѓаните и државата, ќе останe таму каде што е, во опозиција“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

