Македонија
СДСМ: Ковачевски на маса со европските лидери – Мицкоски изолиран со Апасиев

„Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во своето учество на првиот состанок на Европската политичка заедница оствари многубројни средби со европски лидери и високи претставници на ЕУ со цел да ја зајакне меѓународната позиција на државата и да го реафирмира нашиот европски пат. Ковачевски продолжува со напорите заедно со нашите пријатели и сојузници да обезбеди доволно енергенти и електрична енергија за претстојната зима, која ќе биде една од најтешките во Европа по Втората светска војна“, соопштуваат од СДСМ.
Од партијата со став: „Христијан Мицкоски заедно со свјот единствен поддржувач, Димитар Апасиев, останува на спротивната страна од интересите на граѓаните“.
„Додека Ковачевски и Владата преземаат конкретни чекори за побрзо надминување на последиците од кризата, Мицкоски дејствува единствено за личните и интересите на одредена бизнис-група во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е разликата помеѓу одговорниот државнички однос на Ковачевски и СДСМ и деструктивноста и неодговорноста на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Азир Алиу му сврте грб на Таравари, ексминистерот останува со Вреди

Поранешниот министер за информатичко општество, Азир Алиу, соопшти дека останува дел од коалицијата Вреди, нагласувајќи дека борбата против корупцијата и потребата од промени во општеството не смеат да престанат на првата препрека.
„Останувам во Вреди. Излегување од Владата без јасен план може да доведе до рехабилитација на старите структури од ДУИ“, изјавил Алиу, пренесе ТВ Телма.
Во исто време, вицепремиерот Арбен Фетаи објави фотографии од средба со премиерот на Косово, Албин Курти, во Приштина. Таму, заедно со други членови на Алијансата за Албанците, разговарале за регионални прашања и „заедничката визија за напредок“.
Паралелно со овие случувања, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, пред два дена поднесе оставка од функцијата министер за здравство. Тој најави дека неговата партија ја напушта Владата и коалицијата Вреди, со образложение дека не сакаат да бидат „декор“ во извршната власт.
„Ќе се мобилизираме за претстојните локални избори во октомври“, изјави Таравари.
Во однос на политичката стабилност, првиот вицепремиер Изет Меџити порача дека Владата останува цврста, и најави почеток на разговори со пратеници од опозицискиот блок „Европски фронт“ со цел да се обезбеди парламентарно мнозинство.
Македонија
Тивок, но моќен протест во Кочани, шести „Марш за ангелите“ кои настрадаа во „Пулс“

Со пораката „Системот убива – институциите молчат“, денес во Кочани се одржа шестиот протестен „Марш за ангелите“, во чест на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“.
Иако боли молкот на институциите, денешниот марш беше исполнет со тишина – ниту еден родител не се обрати јавно. Тоа беше нивниот тивок, но јасен одговор на игнорантниот однос на надлежните, кои сè уште немаат понудено одговорност за трагедијата.
Во колоната која тргна точно во 16:05 од Паркот на Револуцијата, поддршка дадоа граѓани од целата држава, вклучително и активисти од движењето „Кој е следен?“. Учесниците, со транспаренти со пораки како „Нема трагедија, има злосторство“ и „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, го прошетаа градот низ клучните институции – Општината, Полициската станица, Судот и Обвинителството – токму оние од кои семејствата очекуваат правда.
Во чест на настраданите, особено на келнерите кои животот го загубија работејќи, се одржа и симболична трка на келнери, поддржана од неколку угостителски објекти од Кочани.
– Ова не беше натпревар, туку гест на почит. Нашите колеги беа херои – работеа со насмевка и останаа до крај. Овој марш е наш заеднички глас против молкот и неправдата, изјави Јане Гицев, организатор на трката.
Протестот заврши таму каде што започна – во Паркот на Револуцијата, каде со едноминутен молк и громогласен аплауз им беше оддадена почит на загинатите и поддршка на семејствата кои упорно ја бараат вистината.
Македонија
Таравари: Не сме навикнати да бидеме декорација, така беше во Владата

Арбен Таравари, поранешниот министер за здравство, ја објасни својата оставка во интервју за албанската телевизија МЦН. Како причина за напуштањето на Владата ја наведе игнорацијата кон Вреди и недостигот на координација меѓу албанските партии во владејачката коалиција.
„Ние како Алијанса за Албанците не сме навикнати да бидеме само декорација. Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните. За нас е важно да се мобилизираме и да извојуваме победа на локалните избори во октомври“, изјави Таравари.
Тој посочи дека, иако првпат четири албански партии биле дел од една влада, во последните месеци дошло до сериозна дискоординација што, според него, ја искористила најголемата македонска партија.
Во меѓувреме, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа од Арачиново му испрати порака на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со менување на Законот за употреба на јазиците и Охридскиот рамковен договор го загрозува мирот и стабилноста на државата.
„Албанците се над 30%, живеат на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста. Ниту една сила не може да ја сопре оваа реалност“, порача Ахмети.
Политичките тензии се зголемуваат во момент кога се појавуваат гласини дека дел од пратениците на Европскиот фронт преминуваат во Вреди. Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека најмалку четворица пратеници ќе се приклучат на новата група.
Од коалицијата Вреди, пак, денеска испратија соопштение во кое тврдат дека ДУИ се движи кон политичка бездна и дека Ахмети го доживува својот крај. Ги повикаа разочараните поддржувачи на Алијанса за Албанците да им се приклучат.
„Употребата на Таравари е само обид да се создаде димна завеса и да се скрие падот на ДУИ“, стои во нивното соопштение.
Новата пратеничка група Вреди, формирана пред два дена, моментално брои 9 пратеници, а нов координатор е Беким Ќоку. Дополнително, се најавува и посебна пратеничка група од крилото на Таравари во Алијансата, која според најавите ќе брои 5 пратеници и ќе поднесе барање до Собранието идната недела.