Македонија
СДСМ: Криминалната Влада на Мицкоски молчи за тендерите од 9 милиони евра
Помина цел ден, а Владата на Мицкоски како да зенемела за скандалот што го објавивме, нема одговор на ниту едно прашање што го поставивме. Криминалната Владата молчи за тендерите од 9 милиони евра за фирма со двајца вработени формирана минатата година, обвини СДСМ.
„Па зарем немаат што да им кажат на граѓаните? Или им ги фативме криминалните шеми на кој начин преку „најповолни“ понуди се местат тендери, па се бранат со молчење? Станува збор за парите на граѓаните, речиси 9 милиони евра. Нека не се надева власта дека молкот може да ги спаси, одговорност за криминалот ќе има. Тоа што ДПМНЕ одговара во име на институциите е дополнителна потврда дека криминалните шеми се направени во Белата палата. Затоа ги знаат сите детали за тендерите. Ова што се случува во Македонија е организиран грабеж за испумпување на парите на граѓаните преку наместени тендери во едни исти фирми. Тоа е истата криминална шема на Никола Груевски кој испупмпа 2 милијарди евра а денеска е бегалец од правдата. Ученикот Мицкоски само го прави она што научил од неговиот ментор и учител“, велат од партијата.
СДСМ најави дека ќе продолжи со факти, со докази, со аргументи и документи да го разобличува криминалот на владата на Мицкоски.
„Јавното обвинителство, ДКСК, сите институции треба да се вклучат, да направат независна истрага и да делуваат. Работата сè уште не е завршена“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Mузичари од БиХ настапувале во локал во Кичево без работна дозвола, поднесена прекршочна пријава
При засилена акциска контрола спроведена на 29 и 30 ноември од полицијата во Кичево и Регионалниот центар за гранични работи Запад, во координација со Пазарниот и Трудовиот инспекторат, во угостителски објекти во Кичево биле затекнати музичари од Босна и Херцеговина кои работеле без соодветна дозвола, соопшти МВР.
Во угостителски објект на магистралниот пат Кичево–Охрид биле затекнати пејачката Џ.Р. (23) и членовите на бендот К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите од Босна и Херцеговина. Тие настапувале без претходно обезбедена работна дозвола, соопшти МВР.
Против нив е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд Кичево.
Македонија
Герасимовски со УНИЦЕФ: Заедно во превенција на вандализам и воведување општокорисна работа за малолетници
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, одржа работен состанок со тимот на УНИЦЕФ предводен од Лесли Милер, претставничка на организацијата во државата.
На состанокот се дискутираше на тема општокорисна работа и превенција на вандализмот кај малолетните лица.
Беа разгледани насоки за склучување меморандум за меѓународна соработка и отпочнување пилот-проект во општинските училишта, со вклучување на учениците, наставниците и родителите, со цел да се изнајдат решенија и спроведат координирани активности за превенција на девијантни појави кај малолетниците.
Експертите на УНИЦЕФ споделија искуства од регионот и светот, нагласувајќи дека проблемите поврзани со децата можат да се надминат само преку обуки, едукација и активно учество на целата заедница.
Се разговараше и за потребата од дополнителна регулација во областа на правата на децата и малолетничката деликвенција, преку подзаконска рамка и унифицирање на постапувањето на сите надлежни институции на државно ниво.
Општина Центар прва ја покрена иницијативата, која потоа ја поддржа и ЗЕЛС, за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа како воспитна мерка за малолетни сторители на вандализам.
„Вандализмот е сериозен проблем што бара итна и координирана реакција. Малолетните сторители мора да се соочат со одговорност, заедно со нивните родители“, порача градоначалникот Герасимовски.
Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане системска мерка која ќе придонесе за превенција и ресоцијализација.
Дополнително, побарани се измени во Законот за семејство и Законот за извршување санкции, со кои би се вовела и одговорност на родителите преку заедничко учество во општокорисната работа.
Македонија
(Видео) Николоски: Пробиени 17 километри за обиколување на „Стража“ на автопатот Гостивар–Букојчани
Интензивно се одвиваат градежните активности на автопатот Гостивар – Букојчани, кој е дел од Коридорот 8 на релацијата Скопје – Струга – Охрид, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на „Фејсбук“.
Тој сподели и видео-материјал од теренот, наведувајќи дека досега се пробиени 17 километри од трасата, со што се заобиколува популарната планинска делница „Стража“.
Во објавата Николоски порача: „Ја градиме Македонија!“.
Автопатската делница Гостивар – Букојчани е дел од големиот инфраструктурен пакет на Коридор 8, кој треба да ја подобри поврзаноста меѓу Скопје, западниот регион и Охридско-струшкиот крај.

