Македонија
СДСМ: Мицкоски запнал да ги казнува луѓето што не се во брак
Со шок и неверување СДСМ ја проследи намерата на Мицкоски да ги казнува дополнително граѓаните и да воведе данок на неженети и немажени, велат од опозициската партија.
Како што велат, оваа длабока конзервативна и погрешна идеја директно гази на правата, слободниот избор на граѓаните и ја ништи нивната волја.
„Ваквите недемократски мерки немаат место ни во земјите од третиот свет, а не пак во демократски држави за кои се смета Македонија. Од друга страна, Мицкоски со ова уште еднаш потврдува колку нема допир со реалноста и не ги разбира граѓаните ниту нивните проблеми. Не ги разбира ниту младите, ниту луѓето што живеат сами, ниту семејствата што едвај врзуваат крај со крај. Наместо решенија, тој нуди казни. Има огромен број на луѓе кои сакаат да се во брак и да имаат деца што ќе ги гледаат како растат во радост, но од здравствени или други причини и не можат да ги имаат“, велат од СДСМ.
Тие прашуваат дали е свесен Мицкоски дека секое трето дете живее во сиромаштија и дека половина милион граѓани живеат со плата под просечната?
„Мицкоски е човек од високата класа со саати од 60.000 евра кој јаде папаја и манго за доручек. Тој не разбира што значат економски проблеми“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека понекогаш луѓето не остануваат сами затоа што така избрале — туку затоа што животот ги принудил, а има и такви кои се плашат дека нема да можат да се изборат со сè што оваа држава им става на плеќи.
„Партнерството, љубовта и децата не се само желба, туку и одговорност, и тие многу добро ја знаат таа одговорност. Проблемот не е што луѓето се себични, туку што државата ги остава сами во таа борба. Ова не е време за казнување на луѓето, туку време за вложување во нив. Време е да се обезбедат плати од кои може да се живее, училишта со учебници, градинки со доволно места, здравство кое не ги остава родителите да молат и да чекаат со месеци. Време е да им се даде на луѓето причина да останат, да сакаат, да се венчаат и да имаат деца тука — затоа што веруваат дека тука има иднина“, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, решението за негативниот наталитет и иселувањето не е во понижувачки даноци.
„Решението е во тоа да се покаже дека секој тука има своја вредност, своја шанса и своја поддршка. Оние што сакаат да останат и да изградат живот овде се храбри. Наместо да ги казнуваме, треба да ги поддржиме“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

