Македонија
СДСМ: Мицкоски и Арсовски ги кршат мерките за заштита од коронавирусот
Социјалдемократскиот сојуз обвини дека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, во време на криза, покажуваат самоволие, прекршуваат мерки и забрани и ги злоупотребуваат институциите за лични и партиски интереси.
„Иако целата јавност го виде Мицкоски како влегува во затворен фитнес-центар во придружба на припадници на МВР, од кои некои носеа ракавици, сепак, за министерот на МВР, Наќе Чулев, тоа беше отсјај од светлото. Под закрила на Чулев, Мицкоски набргу покажа уште едно непочитување на мерките и седна во затворена кафеана, каде што два часа им се криел на инспекторите во контрола, заедно со Љупчо Андоновски, советник на Чулев, со кој седел на масата и кроел план како да се спаси“, велат од СДСМ.
Преку соопштение владејачката партија обвини и дека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, покажал дека не ги почитува забраните и протоколите кога за време на полициски час, доцна вечерта, спротивно на сите забрани, патувал од Струмица за Скопје правдајќи се со наводни службени должности.
„Повеќе од јасно е дека Димче Арсовски злоупотребува дозволи за движење за приватни потреби знаејќи дека и тој како Мицкоски е под заштита на Чулев. Очигледно е дека единствената работна задача на министерот од ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада е да ги штити партиските пријатели и да ја злоупотребува полицијата за притисоци и закани, како што тоа го направи во Струмица, кога со часови во полициска станица држеа и им се закануваа на млади волонтери кои делеа пакети во хуманитарна акција“, додава СДСМ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавните расправи продолжуваат
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

