Македонија
СДСМ: Мицкоски треба да си даде оставка зашто е опасен за здравјето
Состојбата со пандемијата со коронавирусот кај нас, во земјите од регионот, во цела Европа е сериозна, институциите, здравстените работници, граѓаните водат беспоштедна борба со вирусот, само Мицкоски глуми згриженост за здравјето на граѓаните, ги критикува и опструира сите напори за справување со кризата и бара оставки, наведе СДСМ во соопштение.
„Прв што треба да си даде оставка е токму Мицкоски и да замине од белиот дворец, бидејќи е опасен за здравјето, тоа три пати по ред му го порачаа граѓаните кога го поразија на избори. Граѓаните знаат дека во тешки времиња се потребни сериозни и одговорни луѓе, а не лицемерни и недоследни политичари како Мицкоски, за кого коронавирусот е опасен, кога тоа му се поклопува со дневната политичка агенда.
Осум месеци ги критикуваше и опструираше сите мерки за заштита, па после ги повика граѓаните да ги почитуваат.
Некрофилот Мицкоски броеше жртви и подмолно се радуваше на бројот на починати, во очаен обид политички да профитира врз грбот на починатите и заболените, врз грбот на нивните семејства, роднини и пријатели.
Наводно загрижен за здравството, преку негов кадар во преодната влада кочеше заем за опремување на здравствените установи, си одеше во теретана и во кафана кога беше забрането, им лепеше партиски етикети на лекарите и ги плашеше граѓаните дека нема доволно тестови и заштитна опрема.
ВМРО-ДПМНЕ преку својот висок функционер Вело Марковски, кој смета дека ковид-19 е некаков безопасен вирус, па дури и дека не треба да се носат маски, поттикнува на непочитување на мерките, кои масовно се прекршуваа и на нивните собири. Мицкоски е неодговорен и незрел политичар опасен по здравјето на граѓаните и затоа е таму каде што е, во длабока опозиција, каде уште долго ќе остане“, велат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

