Македонија
СДСМ не му се извини на Томовски, тој најави дека ќе ги тужи
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска кажа дека нема да му се извинат на директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Ова следи откако вчера СДСМ обвини дека семејната фирма на Томовски добила 161 тендери вредни 5,3 милиони евра. Тој, пак, рече дека нема никаква приватна компанија, побара извинување, а во спротивно најави тужба.
„Не, нема да му се извиниме на Томовски. Кажавме и ќе повториме, не се извинуваме на тие што пумпаат пари од граѓаните! Ние се бориме против криминалот и корупцијата и продолжуваме. Наместо извинување денеска ќе објавиме уште еден податок, уште еден факт, уште еден доказ“, рече Кузеска и додаде дека „меѓу телефонските броеви коишто се наведени во фирмата го има и бројот на Томовски“.
По ова, на Фејсбук повторно реагираше Томовски.
„Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат, и следува тужба. „Јака“ работа завршил антикорупцискиот тим на СДСМ – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име“, пишува меѓудругото во неговата реакција.
Се огласија и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали Венко Филипче уценувал студентки како професор барајќи неморални услуги за оценки-Можеби за ова има докази, а можеби и не. Вака отприлика звучат обвинувањата на СДС кои секојдневно ги адресираат, без докази, без аргументи и само со расфрлање на пердуви.
Ниската комуникација без аргументи единствено е својствена за Зоран Заев за кои е само непознато дали им ги праќа напишаните соопштенија на маил или од Струмица ги испраќа со автомобил на USB до Бихаќка. Многу „јаката афера“ на СДС заврши со јавно објавување на некаков телефонски број и тоа им е главниот доказ, што е голема срамота. Ги молиме за поголема сериозност и концентрација.
Трговецот од Горни Милановац нема да ја направи победничка партијата со тоа што ќе измислува и креира клевети. Очигледно СДС не научи ниту една лекција од поразот, туку Филипче реши да оди во длабокото, каде ќе се удави.
Наместо на лажливи прес-конференции тие треба да одат на обвинителна клупа. Љупчо Коцевски нема вечно да ги штити и Заев и Филипче. Ќе има одговорност за ова“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

