Македонија
СДСМ: Не успеаја намерите на ВМРО-ДПМНЕ да ја врати незаконската аболиција на Иванов

„Не успеа планот на ВМРО-ДПМНЕ да ја врати аболицијата на Ѓорге Иванов. Не успеа ниту планот на опозициската партија да ги спаси криминалците од своите редови. ВМРО-ДПМНЕ од 2015 година па досега тврдеше дека одлуката на Иванов е исправна и врз основа на постоечки член. Законодавно-правната комисија го потврди тоа што СДСМ со години го тврди, дека членот 11 на кој тој ги темелеше помилувањата не постои во правниот систем“, се вели во соопштението на СДСМ.
Според партијата, вчера на седницата на Законодавно-правната комисија без збор, без дискусија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа дека не постои таков член, односно дека Иванов надвор од законот аболицирал врз основа на непостоечки член.
„Сега е тоа официјален собраниски документ кој потврди дека помилувањата на Иванов се незаконски и со тоа ништовни. Ниту тогаш, ниту, пак, сега има правна можност да се даде такво помилување и аболицијата на Иванов е незаконска и ништовна. СДСМ не дозволи да оживее незаконската аболиција на Ѓорге Иванов. СДСМ не дозволи и нема да дозволи нови амнестии, одговорност за сите мора да има“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големиот пожар кај струшко Октиси ставен под контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, се присутни на терен кај селото Октиси, каде што беше активен голем пожар.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот, иако имал големи размери, е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадења кои се внимателно следени од екипите на терен.
Во гаснењето дејствува и авион „Ер трактор“ од ДЗС, кој интервенира од воздух, како и шестмина пожарникари и едно противпожарно возило од ТППЕ – Струга, 10 лица од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, две возила „Пинцгауер“ од ДЗС и локални жители.
„Благодарение на навремената интервенција, координацијата на сите служби и несебичната помош на локалното население, спречено е ширење на пожарот кон населени места“, велат од ЦУК.
Македонија
Поради пожар, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила на граничните премини.
На ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре и за време на викендот сончево време

Времето утре ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени, информира УХМР.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во првите два дена од новата седмица времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и услови за локално невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.