Македонија
СДСМ: Орце Ѓорѓиевски е дел од проблемот во Скопје, граѓаните не ги интересираат кавгите во ДПМНЕ, туку чекаат резултати

Градоначалниците на ДПМНЕ во Скопје, а помеѓу нив и Орце Ѓорѓиевски, се дел од проблемот во градот и ниту еден од нив не може да побегне од одговорноста за хаосот што го направија, велат од владејачкиот СДСМ.
За тоа што Скопје е претворено во огромна депонија и што се дави во ѓубре, одговорноста е кај сите градоначалници на ДПМНЕ, кои не работат ништо, реагира партијата по денешната прес-конференција.
„Кавгите помеѓу градоначалникот на Кисела Вода од ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалничката Арсовска, која со поддршка на ДПМНЕ е на позицијата, не ги интересираат скопјани. Што имаат граѓаните од тоа што Ѓорѓиевски се каел за поддршката на Арсовска? Граѓаните на Скопје очекуваат работа и резултати, кои никаде ги нема. Орце Ѓорѓиевски и Христијан Мицкоски за време на кампањата за локалните избори, заедно со сите градоначалници на ДПМНЕ во Скопје, бараа поддршка од граѓаните и ветуваа модерно Скопје“, велат од СДСМ.
Според нив, наместо модерно, Мицкоски и ДПМНЕ, заедно со Орце Ѓорѓиевски, го вратија Скопје назад за 60 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ноќва ќе се смрзнеме, УХРМ предупредува за минусни температури

Наспроти најавите за потопло време, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупредува дека ноќва и утре изутрина температурите во некои делови на државата ќе се спуштат под нулата. Се очекуваат минимални температури од -1 до 7 степени Целзиусови, а дневните ќе достигнат од 14 до 26 степени.
Од УХМР информираат дека следува период на стабилно и топло време, кој ќе трае до понеделник. Сепак, предупредуваат дека утринските часови ќе бидат студени, со што постои ризик за мраз, особено во ниските места и котлините, што може да предизвика штети кај чувствителните земјоделски култури.
„Во текот на наредната седмица, во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност, проследена со пороен дожд и ретки грмежи“, стои во најавата од УХМР.
Метеоролозите апелираат до возачите да бидат внимателни поради можна појава на лизгави делници рано наутро, како и до земјоделците да преземат мерки за заштита на посевите од утринскиот мраз.
Македонија
Лосон демнатира, Македонија нема да прифаќа мигранти од Британија

Британскиот амбасадор Метју Лосон на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата на Република Македонија ги демантираше тврдењата дека договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство подразбира прифаќање мигранти од Британија.
„Драго ми е што земјата се согласи на оваа соработка, но таа се однесува на полициската координација меѓу агенциите. Тоа го правиме и со повеќе европски земји. Не станува збор за тоа дека Македонија ќе прифаќа мигранти од Британија“, истакна Лосон.
Тој додаде дека договорот предвидува интензивна соработка во справувањето со организирани мигрантски групи, размена на доверливи информации и зајакната координација на безбедносните служби.
„Ова е широко партнерство. Има многу шпекулации во медиумите, и кај нас и овде. Но суштината на договорот е во економијата и безбедносната соработка“, појасни амбасадорот.
Премиерот Христијан Мицкоски, од своја страна, ја поздрави отвореноста на Обединетото Кралство и порача дека Северна Македонија останува посветена на меѓународната координација во борбата против нелегалната миграција и криминалот.
Македонија
Ахмети му порача на Мицкоски дека Албанците не се гости во оваа држава

На завршниот мобилизациски собир на ДУИ во Арачиново, лидерот Али Ахмети испрати остри политички пораки до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за обиди да се загрози соживотот и мултиетничкиот карактер на државата. Во преполна сала со граѓани, Ахмети го искористи говорот за да ја заокружи кампањата на ДУИ и да реагира на најавените промени на закони кои, според него, директно ги засегаат Албанците.
„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30%, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста“, изјави Ахмети, реагирајќи на стравувањата дека Албанците наводно ја „преземаат државата“.
Ахмети упати и директно прашање до Мицкоски, барајќи објаснување за измените во Законот за употреба на јазиците и за Охридскиот рамковен договор.
„Зошто го менува Законот за употреба на јазиците? Зошто го менува Охридскиот Мировен Договор? Зошто го загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата?“, праша Ахмети, посочувајќи дека таквите политики водат кон опасна радикализација и поделби.
Особено ја осуди реториката за „чесни Албанци“, оценувајќи ја како враќање на идеологии од минатото.
„Знаете ли кој ја користеше филозофијата за ‘чесните Албанци’? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија“, рече Ахмети, потенцирајќи дека Албанците денес се академски и политички оформени, со три универзитети и илјадници стручни кадри.
Според него, државата не може повеќе да се води едноетнички, а оние кои, како што кажа, „му служат на злото“, не можат да бидат партнери на Албанците.
Во завршницата, Ахмети повика на регионално помирување и европска интеграција, со јасно отфрлање на националистичките проекти:
„Ние не бараме Голема Албанија, ниту Голема Србија, ниту Голема Бугарија – туку Голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција.“
ДУИ, со овој собир, стави крај на низата мобилизациски средби низ земјата, најавувајќи продолжување на политичката борба за еднаквост, соживот и европска иднина.