Македонија
СДСМ: После 11 години изолација, Македонија конечно реди историски успеси
По единаесет години порази, Македонија реди историски успеси и граѓаните нема да дозволат деструктивни сили да ја закочат македонската иднина, се вели во ракцијата од владејачката СДСМ во однос на прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„После 11 години изолација, поделби, деструкција и назадување заради криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, после 11 години порази на внатрешен и надворешен план, Македонија денес конечно реди историски успеси и победи. И покрај деструктивното и анти-државно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија одлучно оди напред по нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО, пат што е точно определен“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ истакнуваат дека Македонија добива покана за полноправно членство во НАТО на следниот самит на Алијансата и додаваат дека веќе добила и датум за преговори со Европската унија.
„Тоа е остварување на стратешките интереси на Македонија и нејзините граѓани. Единствено ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати успехот на Македонија што е препознаен, признаен и вреднуван од целата јавност и целиот демократски свет. Му се допаѓало тоа на ВМРО-ДПМНЕ или не, времето на изолација, конфликти и поделби заврши. СДСМ, граѓаните и институциите нема да дозволат деструктивните сили да ја закочат македонската иднина. Македонија тргна напред и враќање назад нема“, стои во соопштението.
Од владејачката партија истакнуваат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина е за членство во ЕУ и НАТО тогаш ќе даде поддршка на Договорот со Грција кој, како што велат, го обезбедува идентитетот и ги остварува националните и државни интереси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

