Македонија
СДСМ: Советниците на премиерот работат на реализацијата на програмските определби

Сите ангажирани советници на премиерот се ставени во функција на реализација на програмските определби што се во интерес на граѓаните и ја движат државата напред кон целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Ваква е реакцијата на СДСМ по прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара од премиерот Зоран Заев да одовори дали е вистина дека неговиот советник за градежништво бил кривично гонет.
Од СДСМ велат дека опозицијата се уште не може да се помири со Извештајот од Европската Комисија и безусловната препорака за почеток на преговорите со ЕУ, па затоа се служи со лаги. Владејачката партија коментира дека земјата станала светол пример за две години, за разлика од периодот кога актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му бил советник на Никола Груевски.
СДСМ понатаму оценува дека погубните совети на Мицкоски ја чинеле државата над два милиони денари.
„Додека Мицкоски го советуваше Груевски за енергетика, беше укината евтината дневна тарифа на струјата, цената на електричната енергија поскапе за 100 отсто, а државата беше целосно зависна од увоз на скапа електрична енергија. Како награда за тоа што го урниса енергетскиот систем, од Владата на Груевски, Мицкоски добива и државно земјиште за неговиот бизнис со хидроцентрали. Додека државата беше заглавена во калта, презадолжена, изолирана, а граѓаните тонеа во сиромаштија Мицкоски си тераше бизниси и мислеше на хидроцентралите.
Граѓаните, се уште ги чувствуваат последиците од советите на Мицкоски, еден од над 90 советници на Никола Груевски.
За разлика од времето кога бројот, имињата и надоместоците на советниците на Никола Груевски и Емил Димитриев беа криени од граѓаните, денес јавноста е целосно запознаена со сите информации за советниците во кабинетот на премиерот Зоран Заев“, велат од СДСМ во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Импресивни откритија на неолитската населба Влахо во Пелагонија

Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола ги завршија теренските истражувања на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, еден од најстарите неолитски локалитети во регионот и во Европа.
Истражувањето во западниот дел на населбата покажало дека ранонеолитските културни слоеви достигнуваат висина од 2,7 метри, што укажува на долготрајно и динамично живеење во периодот меѓу 6400 и 6000 година пред нашата ера. Во околу 70 стратиграфски слоеви биле откриени остатоци од 16 градби, земуници, огништа, печки, како и бројни предмети – садови, алатки, мелници и животински коски.
Посебно значење имаат добро сочуваните дрвени остатоци во најстарите слоеви, кои може да претставуваат едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа.
Во следната фаза ќе се спроведат радиокарбонски, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи. Проектот е резултат на меѓународна соработка меѓу институции од Македонија, Германија, Србија и Швајцарија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт.
Македонија
Пановски: Од Советот очекувам да не губи време за тоа кој бил предавник, а кој патриот, туку итно да го изгласа БРТ-проектот

Во пресрет на локалните избори, додека партиите ги прават последните подготовки за изборниот ден, кандидатите се растрчани на терен, а Скопје тоне во отпад, микробиологот Никола Пановски, кој бара втор советнички мандат во Град Скопје, ги издвои приоритетите на новиот совет. Тој е кандидат за советник од редовите на ЛДП и коалицијата „Искуство за успех“.
Кои проблеми во Скопје ги сметате најитни за решавање?
„Во вистинските демократии, кон кои ние се стремиме, локалните совети се одраз на нивото на политичка култура и ефикасност. Така треба да биде и кај нас во Скопје, градскиот совет треба да биде во функција на граѓаните, а не на партиите. Според мене, како најитен проблем би го навел јавниот превоз и тоа дека треба да се донесе конечна одлука за проектот ‘Брз автобуски превоз’ (БРТ) и да знаеме како ќе постапуваме по тоа прашање понатаму. Второ, отпадот и хигиената. Не мора да одите подалеку од вашиот дом и првите контејнери за да се уверите и самите дека со тоа има сериозен проблем и, трето, но не и помалку важно е аерозагадувањето. Како што заладува времето, така проблемите со загадувањето на воздухот стануваат сè поочигледни и сметам дека таму исто така треба брза и одлучна акција“.
Советот е колективно тело. Како гледате на соработката со колегите од другите партии и со идниот градоначалник на Скопје?
„Соработката треба да биде врз основа на корисни идеи и проекти, а не блокирање само затоа што предлогот не му се допаѓал некому или не доаѓа од нивната партија. Да не губиме време во досадни и беспредметни дискусии за тоа кој што и како направил во минатото, кој бил криминалец, кој бил предавник, а кој патриот. Во изминатите 4 години честопати дискусиите немаа врска со локалните проблеми. Новиот градоначалник на Скопје треба да биде во контакт и соработка со сите советници, да биде пример за редовност, ажурност и транспарентност, да биде толерантен на конструктивни критики и најважно – да има слух за проблемите на сите граѓани“.
Што сметате дека е она што ве издвојува од другите кандидати за советници?
„Како прво, јас сум меѓу највозрасните, најискусните, сум докажал дека сум човек со интегритет и граѓаните ми се пред партијата. Поддржувам, а и критикувам идеи, проекти и одлуки, кои се добри, без разлика од која партија доаѓаат. Изминатиот мандат почнавме многу работи, кои поради една или друга причина, не успеавме да ги завршиме. Имаме нова шанса пред нас да направиме вистински промени на овие избори. Затоа апелирам до сите граѓани кои му мислат добро на Скопје, да гласаат в недела и да ни ја дадат поддршката за наредните 4 години заедно да направиме една успешна градска приказна“.
Македонија
Лекарската комора со морална осуда за д-р Кузмановски

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора упати јавна морална осуда за однесувањето на д-р Игор Кузмановски прикажано на видеоснимка на социјалните мрежи, оценувајќи дека е спротивно на морално-етичките стандарди на професијата. Информираат дека тоа е со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат.
Од Комората соопштиј и дека по разгледување на документацијата нема евидентирани претставки за етички пропусти поврзани со Кузмановски, но ќе се чекаат извештаите од Министерството за здравство и Клиниката за неврологија за конечнен заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.
Лекарот и понатаму останува без активна лиценца.