Македонија
СДСМ со граѓаните во Центар и Сарај: Со изградбата на коридорите најмалку 600 милиони евра за домашните комапнии

Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ денеска беше со граѓаните на скопските општини Центар и Сарај.
Членот на ЦО на СДСМ Благој Бочварски, заедно со Пламенка Бојчевска со граѓаните на општина Центар разговараа за инвестициите на Владата предводена од СДСМ во инфраструктурата.
„Преку инвестициите во модерни патишта го подобруваме квалитетот на животот на граѓаните. Владата на СДСМ како ниту една претходно, инвестира во инфраструктурата во секој дел од државата. За само шест години реализиравме над 1.400 километри патишта, истакна Бочварски, додавајќи дека започна со реализација најголемиот, најважен и највреден проект во инфраструктурата во историјата на државата.
Преземавме обврска пред граѓаните, Македонија мора и ќе биде подобро место за живеење и главна крстосница на Балканот. По 30 години зборување конечно започнаа да се градат коридорите 8 и 10 Д. Покрај зголемената безбедност и подоброто поврзување, изградбата на коридорите носи економски придобивки. Државата ќе ја поврзе со пристаништата во Драч и Буграс, а самата изградба ќе донесе најамалку 600 милиони евра за домашните комапнии, нови 8.000 работни места, како и раст од 2 отсто годишно на БДП во наредните пет години“, истакна Бочварски.
Бочварски нагласи и дека централната власт дава силна поддршка на општините, за проекти кои директно ги подобруваат условите за живот на граѓаните.
Во рамките на теренските активности на СДСМ „Рамо до рамо до победа“ Маја Манолева денеска оствари средби со граѓаните на општина Сарај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.
Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.