Македонија
СДСМ: Трет ден ВМРО-ДПМНЕ лаже со измислен случај, Мицкоски е фрустриран
Трет ден опозициската ВМРО-ДПМНЕ очајно се обидува да ја манипулира јавноста со измислен случај со што се докажува дека од ден на ден прогресираат личните фрустрации на Христијан Мицковски од позитивната, транспарентна и законска работа на Владата предводена од СДСМ, реагира владејачката партија на обвинувањата од опозицијата за случајот со РЕК и наводната вмешаност на фирмата на братот на Зоран Заев во криминал.
„Иако сите факти говорат дека ниту има некаков криминал во РЕК ниту, пак, постои некаква поврзаност со фирми или лица од семејството на претседателот Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски продолжуваат со обидите да ги лажат граѓаните. СДСМ како одговорна партија, повторно ги повикува сите надлежни институции, како и сите граѓански здруженија или организации коишто се занимаваат со транспарентност и владеење на правото, да покажат заинтересираност за измислениот случај на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и за тоа да ја информираат јавноста“, регира СДСМ преку соопштение до јавноста.
Времето на договорени тендери, на офшор-шеми и сомнителни зделки, како што велат, беше одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа е завршено, а денес, сите државни и јавни претпријатија работат согласно со законите, одговорно и транспарентно.
„Наместо да ја замајува јавноста преку празни прес-конференции полни со контрадикторни бројки, редо е Мицкоски по двонеделно криење, конечно, да излезе пред јавноста и да одговори за договорите од 10.5 милиони евра склучени во непосредна спогодба во времето кога тој раководеше со АД ЕЛЕМ“, порачува СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

