Македонија
СДСМ: 20 дечиња починале на Клиника во втората половина на 2024 година, Мицкоски и ДПМНЕ мува не ги лази
„Трагичните податоци за смртноста на деца во изминатите шест месеци ја шокираа јавноста а Мицкоски и ДПМНЕ мува не ги лази. Во втората половина на 2024 година, животот го загубиле 19 бебиња и едно петгодишно девојче“, велат од СДСМ.
„Овие бројки се застрашувачки и отвораат прашања кои бараат итни одговори: каде затајува системот, како се направени пропустите и дали постои прикривање на лекарски грешки?
Последниот случај со смртта на седуммесечно бебе на Клиниката за детски болести е алармантен. Бебето било одбиено за хоспитализација без никакво образложение – втор ваков трагичен случај во само два и пол месеци. Овие трагедии не смеат да се игнорираат!
Министре Таравари, директоре Мемеди, време е да преземете одговорност. СДСМ инсистира на темелна истрага, целосна транспарентност и итно преземање мерки за спречување на ваквите трагедии.
Во време на СДСМ, преку конкретни мерки и инвестиции, смртноста кај новороденчињата беше значително намалена. Неонаталната смртност беше намалена петкратно, а перинаталната за повеќе од двојно. Инвестирано беше во модерна опрема и стручен кадар.
Сега, под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, здравствениот систем се враќа во состојбата од времето на нивното претходно владеење. Животот на децата и здравјето на граѓаните не смеат да бидат колатерална штета на неспособноста и неодговорноста на оваа власт.
Го повикуваме Министерството за здравство и сите надлежни институции да преземат итни мерки за заштита на здравјето на децата а министерот Таравари да си поднесе оставка“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Утре во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
(Фото) Колони возила чекаат влез во Македонија преку „Дојран“, „Богородица“ е затворен
Колони возила чекаат на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Ники“ (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси, информира АМСМ.
Според најновата информација од АМСМ, сообраќајот на ГП „Богородица“ (ГП Евзони) од 15 часот е нормализиран во двата правци.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.

„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Дојран, времето на чекање за излез од државата изнесува 30 минути. На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува 40 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, информира АМСМ.

