Македонија
СДСМ: 24 декември е еден од најцрните датуми во нашата демократија
На 24 декември 2012 година, ВМРО-ДПМНЕ, раководена од Никола Груевски, насилно ги избрка, прво новинарите од собраниската галерија, а потоа насилно ги исфрли пратениците од опозицијата, тогаш предводена од СДСМ, велат од владејачката партија преку соопштение.
„24 декември е вистинското лице на режимот, вистинското лице на насилничката криминална матрица на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе кулминира на 27 април со крвавиот четврток и насилниот упад во Собранието. Денес, ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, партијата сè уште е раководена од Никола Груевски, избеганиот криминалец во Будимпешта, а Христијан Мицкоски е само неговиот портпарол“, нагласува СДСМ.
Според владејачката партија, и денес ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи против интересите на граѓаните.
Со секој нов ден, велат од СДСМ, деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ ескалира, соочени со паниката од извесниот изборен пораз.
„Цел ден вчера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кочничарска ја блокираа седницата со нелогични и неосновани барања за промена на дневниот ред. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кочат и блокираат многубројни закони, кои се во интерес на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски кочат и блокираат сѐ што значи враќање пари кај граѓаните. Блокираат сè што не е по планот на Груевски. Блокади, кочења, опструкции, тоа е понудата на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Ниту една мерка ниту една идеја како да се подобри животот на граѓаните“, додава СДСМ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

