Македонија
СДС, Венко и Пеце Мирчевски се утепаа од лажење да заштитат профит на фирма за обезбедување, која заработувала половина милион евра екстра годишно, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС во лажењето нема мера до каде може да оди, секогаш е способна да се надмине себе си и да ги пробие сите до стигнати нивоа. Последниот пример е од деновиве, во кој СДС и Венко Филипче се фатени живи како штитат приватни бизнис интереси. За да го заштитат милионскиот профит на нив блиска фирма за обезбедување, се утепаа од лажење веќе неколку дена“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Па така, почнаа да бараат криминал, таму каде што нема. Со новиот тригодишен договор на СОЗР за обезбедување на објекти на државната управа, државата има заштеда од пола милион евра годишно.
Јавната набавка за избор на фирма која ќе ги обезбедува објектите е направена на транспарентен начин на кој учествуваа четири компании, а главен услов беше најниска цена.
Транспарентниот начин на јавната набавка внесе конкуренција во наддавањето и тоа придонесе, за истата работа од претходно, сега да се постигне пониска цена за половина милион евра и исто толку пари на граѓаните да се заштедат во државниот буџет.
Претходно, државата со СДС, Филипче и екс директорот на СОЗР и бизнис пајташ на Ковачевски, Пеце Мирчевски значи губела по основа фирма за обезбедување по пола милион евра годишно, што за 6 години се фантастични 3 милиони евра.
Сега СДС штитат приватни бизнис интереси од 3 милиони евра. Целото лажење на СДС и Венко Филипче е токму поради ова, да го заштитат профитот на нивната блиска фирма која од овој тендер заработувала пола милион евра екстра годишно“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој ќе престојува во официјална посета на земјава.
Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

