Македонија
„СДС сака предизборно, незаконски да вработи 1117 лица во јавното здравство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС на мала врата, незаконски и на сила сака да истурка заедно со ДУИ предизборно вработување на 1117 лица во јавното здравство. Заменик министерката за здравство, Маја Манолева после 6.5 години власт на нејзината партија и текна токму пред избори да вработува кадри во македонското здравство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа им ветуваше до Нова Година и не го реши статусот на овие луѓе. Нејзината теза дека вработувањата се кочат поради неразумни причини од дополнителната заменик министерка за финансии Елена Петрова се невистинити и паушални.
Единствено што Петрова прави е почитување на законите и се чека мислењето на Државната комисија за спречување на корупција.
И на малите деца им е јасно дека ова не е кадровско екипирање на здравството, туку брутално политизирање и партизирање на јавното здравство со 1117 партиски војници.
Меѓудругото дека се работи и за партиска хајка и политизирање од страна на СДС-ДУИ говорат и подготовките за протест на наводно засегнатите, во текот на утрешниот ден пред Министерството за финансии. Во текот на денешниот ден се прават силни притисоци луѓето да излезат на протест, а инспиратор и организатор на тоа е СДС и ДУИ.
Ако имаше грам доблест СДС тогаш овој протест ќе беше пред министерството за здравство, каде Манолева од СДС, а воедно и заменичка министерка во министерството за здравство ќе објасни и одговори:
1.Зошто на седница на Влада заради партиски препукувања одбиена е точката за покачување на платата на медицинските сестри?
2 Што презема Манолева по однос на одбивањето од дневен ред на точката за потпишување на Колективниот договор за вработените во Министерството за здравство, институцијата каде ја извршува функцијата заменик министерка?
3.Што конкретно Манолева презема за решавање на статусот на здравствените работници, ангажирани со договор на дело и кои се институциите каде започнала трансформацијата на работниот однос?
4.Зошто Манолева од позиција на директор на Заводот за физикална медицина ги укина обуките за вработените во оваа ЈЗУ и за која намена сега одат овие средства“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

